Достапни линкови

logo-print

Битола погодена од кризата во Грција


Пазар во Битола.

Пазар во Битола.

Битолските дуќанџии се жалат дека деновиве скоро и да нема грчки купувачи во градот, кој претходно беше често посетуван од купувачи од јужниот сосед.

Како што се продлабочува финансиската криза кај јужниот сосед, така се намалува прометот во битолската чаршија. Продавачите се жалат дека деновиве скоро и да нема грчки купувачи во Битола, која претходно беше често посетувана како пограничен град оддалечена на 16 километри од грчката граница. Кризата битолските трговци ја чувствуваат скоро пет години, но последните недели велат дека прометот им е многу намален.

Најмногу заработувавме од Грците зашто дуќанот ни е во центарот одма до паркингот и од кај нас купуваа облека. Ако продолжи ова, ќе го затвориме дуќанот.

„Немам сретнато Грци овие денови. Нема промет. Тие земаат зеленчук, но ги нема.“

„Најмногу заработувавме од Грците зашто дуќанот ни е во центарот одма до паркингот и од кај нас купуваа облека. Ако продолжи ова, ќе го затвориме дуќанот.“

„Слабо е. Во последно време Грците не доаѓаат. Се чувствува тоа.“

„Од страна на месо и не земаат зашто на граница им го фрлаат месото.“

„Деновиве ги има во помал број. Многу ретко пазарат. Најмногу медот го бараат, пипер, но многу малку купуваат. Нивниот број е повеќе од преполовен“, реагираат битолчани.

Празни се дури и бензинските пумпи каде грчките државјани ставаа гориво во автомобилите. Во криза се и менувачниците. Во Битола доаѓаат само кога имаат итна потреба, тоа е претежно по стоматолошки услуги кои се три пати поевтини отколку кај нив.

„Банките имаат проблем во Грција, а тука доаѓаме за да ги поправиме забите“, вели Алекос Диос од Лерин.

На граничниот премин Меџитлија, за разлика од намалениот број на грчки државјани кои доаѓаат, расте бројот на Македонци кои заминуваат во Грција. Тоа се претежно летувалци кои не ги откажаа аранжманите и покрај финансиската криза во соседството. Се проценува дека само минатиот месец на егејското приморје летувале околу шест илјади битолчани. Преку викенд се организираат и еднодневни екскурзии со автобуси и комбиња до туристичките дестинации по цена од 10 евра по патник.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG