Достапни линкови

logo-print

Унгарија ја започна изградбата на оградата кон Србија


Унгарски војници започнале да ја подигнуваат контроверзната ограда на границата со Србија за да се спречат мигрантите да влегуваат во Унгарија. Критичарите на овој потег велат дека би било подобро унгарската влада да подигне ограда кон Австрија за да го спречи иселувањето на Унгарците.

Оваа ограда која во минатиот месец беше најавена од популистичкиот премиер Виктор Обран наиде на загрижени реакции од Србија и од Европската унија.

Првиот дел од оградата, за која неодамна германскиот канцелар Ангела Меркел оцени дека нема „никаква смисла“, почна да се подигнува на околу 180 километри јужно од Будимпешта.

Парламентот во минатата недела ја одобри изградбата на оваа бариера во должина од 175 километри. Таа ќе биде висока четири метри.

Унгарија е во Шенген зоната што значи дека ако мигрантите влезат во таа земја слободно можат да се движат и во другите земји од Шенген зоната.

Во Унгарија многу поголем проблем од имиграцијата е иселувањето, така што владата можеби треба да се изгради ограда на границата со Австрија за да ги задржи на Унгарците тука.

Од почетокот на годинава во Унгарија се регистрирани над 78 илјади мигранти кои илегално ја минале границата.

Над 77 илјади влегле од Србија. Повеќето од нив, меѓу кои има и деца и кои со недели патуваат од Грција низ Македонија и Србија, се од со војни зафатени земји како Авганистан, Ирак и Сирија.

Амнести интернејшнал деновиве оцени дека третманот на мигрантите во балканските земји бил „срамен“.

Најмногу од имигрантите сакаат да стигнат до побогатите земји на Европската унија, но унгарската влада изрази страхување дека тие земји, според шенгенските правила, би можело да ги вратат назад во Унгарија.

Неодамна Будимпешта блокира еден таков потег на Виена што предизвика тензии меѓу двете земји.

Прифатните центри во Унгарија и Австрија се преполнети, а во минатиот месец унгарската полиција употребила солзавец за да ја спречи масовната тепачка меѓу мигрантите во источниот град Дебрецин.

Обединетите нации и Советот на Европа ги критикуваа измените на законите за азил во Унгарија покренати од десничарскиот премиер Виктор Орбан, оценувајќи дека тоа им го спречува правото на мигрантите на сигурност.

Владата на Орбан започна и билборд кампања со предупредување до мигрантите: „Ако дојдете во Унгарија не може да им ги одземете работните места на Унгарците“ или „Ако дојдете во Унгарија мора да ја почитувате нашата култура“.

Ваквата антиимигрантска политика на владата беше изложена на потсмев исто така на билборди, со цел, како што велат нејзините иницијатори, да укажат на главниот приоритет на премиерот Орбан, поттикнување на мнозинството Унгарци кои бараат работа во странство да се вратат дома.

„Во Унгарија многу поголем проблем од имиграцијата е иселувањето, така што владата можеби треба да се изгради ограда на границата со Австрија за да ги задржи на Унгарците тука", вели еден од иницијаторите Ѓерѓ Ковач.

Според статистиките лани земјата ја напуштиле над 30 илјади Унгарци што е за 46 насто повеќе од претходната година.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG