Достапни линкови

Нецели десеттина дена по обидот за цензура во ликовниот салон во Велес поради „експлицитните еротски и сексуални сцени“ во делата, изложбата „Актерија“ на ликовниот колектив АД АКТА, во петокот, на 10 јули, беше отворена во Н.У. Центарот за култура Кочо Рацин во Кичево. Таму творештвото на Благојче Наумоски – Бане, Јовица Мијалковиќ, Маја Димовска и Александра Јовановска беше пречекано со нагласена љубопитност и со воодушевување од публиката во изложбениот салон.

И негативниот публицитет е публицитет. Тоа што во Велес го направија можеби по грешка, сега гледаме дека ќе ни отвори други врати за да можеме проектот да го реализираме уште пошироко. Тој дефинитивно ќе продолжи. Ние оваа премиерно ја претставивме во галерија „Ко-Ра“ во Скопје, сега еве ја во Кичево и од септември како колектив АД АКТА продолжуваме да работиме на темата „Актерија“, но сега во поинаква конотација. Постепено менуваме тематики, но остануваме во доменот на актот. Дали притоа ќе не има на Неделата на дизајнот или на некоја друга манифестација останува да видиме како ќе се одвиваат работите. Засега тргнаа многу енергично и тоа е во ред.

Да се признае дека се прави цензура, тоа е првиот чекор на патот кон едно потолерантно општество кое нема потреба од овековечување на законодавството.

Вака Благојче Наумоски – Бане, ликовниот уметник кој заедно со Јовица Мијалковиќ, Маја Димовска и Александра Јовановска е член на колективот АД АКТА, ја почнува сторијата околу натамошните случувања врзани со нивната актуелна постановка „Актерија“ за која во Ликовниот салон во Велес сметаше дека има „експлицитни еротски и сексуални сцени“, а во Кичево, пак, беше пречекана со нагласена љубопитност.

Ние планираме да го соголиме актот. Како и што напишавме во протестното писмо тоа успеавме да го сториме во Велес. Успеавме таму да ја најдеме вистината. Да го разголиме Титов Велес. Заклучивме дека таму времето е запрено во одреден дел од минатото каде што сè уште постојат канони и забрани.

Наумоски истакнува дека помеѓу двете постановки, во миговите кога тие го објавија своето протестно писмо за непожелуваниот след на настаните, добиле силна подршка од своите колеги уметници и слободномислечки луѓе. Тој смета дека е зачудувачки тоа што кај некои луѓе предрасудите поврзани со телесноста и сексуалноста се толку длабоко врежани во нивниот граѓански метаболизам, што веројатно уште долго ќе се соочуваме со проблем на прикажување на човечкото тело во уметноста.

„Да се признае дека се прави цензура, тоа е првиот чекор на патот кон едно потолерантно општество кое нема потреба од овековечување на законодавството. Според тоа, уметничката слобода исто така значи да и се дозволи на публиката во неа да го вчита и сопственото искуство, едновремено задржувајќи ја и свесноста за нејзината различност. Постоејќи како што постои, значи во нејзината сеопфатност, уметноста треба да сугерира идеи, а не да диктира стилови на живот и морални норми, така што општеството тогаш ќе биде потолерантно кон ваквите прашања“, вели Наумоски.

Уметникот дополнува дека тие како поединци, но и како колектив, продолжуваат со потрагите на полето на сексуалноста и еротиката.

За себе истакнува дека и натаму ќе го развива својот проект „Телесна илуминација“, дека професорот Јовица Мијалковиќ останува на темата точка и линија, дека Александра Јовановска ќе продре подлабоко со модните илустрации на веќе направени дела од 16 и 17 век коишто се реинтепретирани во една еротска илустрација и конечно Маја Димовска, како што вели, ќе продолжи да истражува во рамките на своите скулптурални дела.

Во овој контекст не заборава да спомене дека тие не му припаѓаат на кругот творци кои на актот гледаат онака „школски“ и „застарено“, туку себе си се сметаат за творци чии размисли се дека тој е „незавршена работа“. Од таму и името на дружината АД АКТА.

„Ние планираме да го соголиме актот. Како и што напишавме во протестното писмо тоа успеавме да го сториме во Велес. Успеавме таму да ја најдеме вистината. Да го разголиме Титов Велес. Заклучивме дека таму времето е запрено во одреден дел од минатото каде што сè уште постојат канони и забрани. За жал се работи за поединци, но тие поединци прават да има вакви реакции. Ние таму имаме еден куп познати уметници и културни работници коишто се фантастични автори, прекрасни луѓе има во градот, но сепак поради ваквите одлуки на поединци и тие, за жал, во некоја рака го губат кредибилитетот“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG