Достапни линкови

Соничните Свонс со уметноста на бучавата во МКЦ


Во рамките на својата актуелна европска турнеја, в недела, на 12 јули, во 21 часот, во Младинскиот културен центар во Скопје, ќе настапи култниот американски арт-рок бенд „Свонс“. Мајкл Џира и неговите собеседници доаѓаат да го претстават својот последен студиски проект, одличниот албум „To Be Kind“ од 2014 година, а нивниот концерт е првиот голем промо-настан за претстојното јубилејно 40-то издание на меѓународниот театарски фестивал МОТ.

Суштината на музиката е во тоа што луѓето создаваат звуци. Ако ја редуцираме до нејзината наједноставна форма, тоа е звук од ударот на два камења и пеење. Најверојатно и така настанала. За мене, физичкото создавање на звукот е суштината на звукот. Затоа немам никаков страв или грижи пред да ја користам технологијата, сѐ додека не го попречува овој „плен“.

Кога пишувам песни, тоа е на некој начин танц, понекогаш и мое лично искуство, прочитани книги, изгледани филмови, мисли за социјални прашања. Меѓутоа не сакам сето тоа да има врска со Мајкл Џира, затоа што нема. Креирам нешто поголемо од себеси. Станува збор за сензитивен проблем, кој секогаш се обидувам да го заобиколам.
Мајкл Џира, музичар.

Ова ќе го забележи Мајкл Џира, двигателот на „Свонс“, во едно од своите интервјуа публикувано непосредно по првата серија на промотивни настапи за 13-от албум „To Be Kind“. Говорејќи за уметноста, за творештвото, за детето во себе, тој дополнува дека како продуцент и уметник се труди да биде изземен од сликата, колку што е можно повеќе.

Кога пеам, морам да ја исполнам песната. Вистинските уметници знаат тоа да го направат. Еден од најдобрите изведувачи, ако не и најдобрата во историјата на популарната музика е Нина Симон. Таа целосно ja исполнува песната. Јас не сум ниту блиску до тоа. Значи, кога пишувам песни, тоа е на некој начин танц, понекогаш и мое лично искуство, прочитани книги, изгледани филмови, мисли за социјални прашања. Меѓутоа не сакам сето тоа да има врска со Мајкл Џира, затоа што нема. Креирам нешто поголемо од себеси. Станува збор за сензитивен проблем, кој секогаш се обидувам да го заобиколам“, вели тој.

По повеќе години успешни или неуспешни преговори на крајот успешно ја финализираме таа приказна и мислам дека ова е уште еден од чекорите, од миговите, од потезите на МКЦ и на градот Скопје сè со цел да му се зададе што поголем контраудар на сето она што се нарекува неурбано и рурално напаствување на нашиов град.
Златко Стефковски, директор на МКЦ.

А, кога се посега по историчноста и опстојбата и притоа на ум се имаат ваквите негови изјави, на виделина излегува дека денес „Свонс“ со право го уживаат култниот статус на американската, уште повеќе на светската рок сцена. Бескомпромисни во изразот, потентни да изградат соничен звучен ѕид околу себе, Џира и неговите бројни сопатници низ времето, во изминативе нешто повеќе од три децении стекнаа бројни следбеници, но и што е поважно мнозина поклоници кои со нагласена љубопитност го следат секој нивни исчекор.

Составот е формиран 1982 година во Њујорк. Деби објавата „Filth“ излегува една година подоцна, но за чудо и по толку време и натаму продолжува да фасцинира буквално сè што било и е прогресивно во онаа бескомпромисно креативна струја во рок музиката. Особено бележит е т.н. „среден период“ во делувањето на „Свонс“ кој ќе кулминира со денес класичното издание на бендот - албумот „Children of God“, кој се смета за врв на соработката помеѓу Џира и неговата долгогодишна партнерка и вокалистка Жарбо. Во 1997 година, идејниот творец решава да го хибернира проектот и набрзо ќе го формира бендот „Ејнџелс оф лајт“ со кој ќе се обиде на виделина да ја извади полиричната страна на „Свонс“, карактеристична за периодот од „The Burning World“, преку „White Light from the Mouth of Infinity“ и, според проследувачите, најкомуникативниот „The Great Annihilator“ од 1995 година.

А, по серијата соработки со врвни уметници и музичари во низа проекти и соло настапи, Мајкл Џира разбирливо решава да го затвори кругот воскреснувајќи го препознатливиот монолитен, бескомпромисен звук на „Свонс“ со обелоденувањето на повратничкиот My Father Will Guide Me Up A Rope To The Sky“. Воодушевувањето со кое оваа објава беше пречекана ја наметна потребата на засилена активност, па така Џира звучната трилогија ја заокружува со последователните „The Seer“ во 2012 и „To Be Kind“ две години подоцна, дела за кои рецензентите ќе запишат дека „се несомнен триумф во намерата да се транспонира ритуалната еуфорија при концертната манифестација на култниот феномен“.

И, конечно по Дортмунд, Архус, Берген, Осло, Трондхајм, Малме, Лиеж, Лондон, Бристол, Ливерпул, Глазгов, Белфаст, Даблин, Париз, Киев, „Свонс“, или Џира, Кристоф Хан, Тор Херис, Норман Вестберг, Фил Пулео и Кристофер Правдика, како мевлем на лута рана ни доаѓаат во Скопје.

„Четириесеттиот МОТ, овој септември, а како поинаку можевме да го најавиме освен со, како што велат критичарите, старо-новите „Пинк флојд“ или, пак, најголемиот и најдобриот бенд во моментов во живо во светот „Свонс“. По повеќе години успешни или неуспешни преговори на крајот успешно ја финализираме таа приказна и мислам дека ова е уште еден од чекорите, од миговите, од потезите на МКЦ и на градот Скопје сè со цел да му се зададе што поголем контраудар на сето она што се нарекува неурбано и рурално напаствување на нашиов град“, вели Златко Стефковски, реизбраниот директор на МКЦ и човекот кој вложи силни усилби и успеа оваа институција да ја воскресне од некогашната летаргија.

Во пресрет на неделниот концерт тој дополнува дека интересот од публиката е очекуван и дека нималку не се сомнева оти сликата ќе се повтори и за годинашното јубилејно издание на Младиот отворен театар.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG