Достапни линкови

logo-print

Реакции по ветото на Русија на резолуцијата за Сребреница


Амбасадорката на САД во ОН, Саманта Пауер го оквалификува денеска ветото на Русија врз британската резолуција за Сребреница како „уште една дамка на репутацијата на Советот за безбедност на ОН“.

„Да ја наречеме Сребреница со вистинско име - тоа беше геноцид. Тоа не би требало да го негираме“, изјави таа обраќајќи се во СБ и додаде дека е важно и „мозокот и командантот на геноцидот во Сребреница, Ратко Младиќ и Радован Караџиќ да бидат соодветно казнети во Хаг“.

„Во Сребреница се случи геноцид“, повтори таа наведувајќи дека тоа го утврдиле Хашкиот трибунал и Меѓународниот суд за правда.

Амбасадорот на Русија во Обединетите нации Александар Чуркин, кој стави вето на нацрт-британската резолуција за Сребреница, изјави денеска дека резолуцијата само би довела до зголемување на тензиите на Балканот.

Тој изјави дека усвојувањето на резолуцијата, бидејќи нема консензус за нејзината содржина, би било контрапродуктивно и би водело кон зголемување на тензиите во регионот.

Рускиот амбасадор додаде дека Русија се надева дека комеморацијата во Сребреница ќе биде искористена за поглед кон иднината, што Русија и и го пренела на мисијата на Велика Британија, земја која работеше на нацрт-резолуцијата.

Советот за безбедност на ОН не ја усвои резолуцијата за Сребреница, бидејќи Русија која е членка со право на вето, гласаше против резолуцијата. Четири членки на Советот за безбедност, Кина, Ангола, Венецуела и Нигерија гласаа воздржано, а другите десет членки гласаат „за“ резолуцијата.

XS
SM
MD
LG