Достапни линкови

Преговорите пропаднаа, Заев продолжува со „бомбите“


Претседателот на СДСМ Зоран Заев рече дека премиерот Никола Груевски го минира договорот од 2 јуни и најави дека ќе продолжи со објавувањето на „бомбите“.

Преговорите се неуспешни, а СДСМ се враќа на проектот Вистината за Македонија во чии рамки досега беа објавувани така наречените бомби, објави лидерот на партијата Зоран Заев.

Никола Груевски во континуитет го минира договорот постигнат на 2-ри јуни. Во преговорите Никола Груевски одби да прифати споделени гаранции помеѓу власта и опозицијата за враќање на демократските институции, за враќање на корективите во општеството, за нормализација на државата, за обезбедување услови за регуларни, фер и демократски избори.
Зоран Заев, претседател на СДСМ.

„Никола Груевски во континуитет го минира договорот постигнат на 2-ри јуни. Во преговорите Никола Груевски одби да прифати споделени гаранции помеѓу власта и опозицијата за враќање на демократските институции, за враќање на корективите во општеството, за нормализација на државата, за обезбедување услови за регуларни, фер и демократски избори“, рече Заев, според кого не биле можни фер и демократски избори со Груевски во влада.

Ваквата разврска на случувањата поврзани со лидерските средби следува откако опозицијата веќе со денови инсистира да има нов состанок на лидерите на четирите партии, а премиерот истакна дека нема услови за нејзино одржување.

Апсолутно избори во април ниту очекуваме да има ниту се можни без опозицијата да се организираат.
Зоран Заев, претседател на СДСМ.

Според Заев, со одолговлекувањето на процесот, Груевски ги уништил сите определби одредени со договорот од 2 јуни со кој се предвидува да има предвремени избори до крајот на април идната година.

„Апсолутно избори во април ниту очекуваме да има ниту се можни без опозицијата да се организираат“, рече Заев.

На новинарско прашање поврзано со доаѓањето на американскиот помошник државен секретар за европски прашања Викторија Нуланд, која в понеделник би требало да пристигне во Скопје, претседателот на СДСМ сепак ја остави отворена вратата за можен иден договор.

„Секако, ако меѓународната заедница без разлика дали е тоа од Нуланд, комесарот Хан, Могерини, даде конкретен предлог во кој се исполнети условите, а тоа се споделени одговорности и гаранции помеѓу власта и опозицијата за враќање на демократските институции, за нормализација на државата, за враќање на корективите во општеството и обезбедување услови за фер, регуларни и демократски избори, секако е вредно за разгледување“, рече Заев кој не прецизираше што тие барале во преговорите, а Груевски не прифатил.

За конкретните мерки што сега ќе ги преземат откако ги прогласија преговорите за неуспешни, претседателот на СДСМ рече дека ќе се консултираат во партијата, но и со граѓаните. Во врска со анкетата на Американскиот републикански институт ИРИ која ја објавија дел медиуми и според која ВМРО-ДПМНЕ е во двојна предност пред СДСМ, Заев оцени дека во вакви, како што рече хибридни режими, ниту една анкета не била релевантна.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG