Достапни линкови

Заев бара, а Груевски избегнува средба?


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

СДСМ никако да успее во намерата за лидерска средба бидејќи премиерот не смета оти се создадени неопходните услови. Според аналитичарите, премиерот си купува време сметајќи на летните одмори, на заборавање на материјалите од прислушуваните разговори.

Десет дена по последната лидерска средба и неколку дена откако СДСМ е во очекување таа да се одржи и претпладнево останува нејасно дали до неа ќе дојде. Опозициската партија вчера преку партиско соопштение најави дека му дава рок на премиерот најдоцна до вечерта да се утврдел термин кога таа ќе се одржи, а доколку тоа не се случело за денеска најавија дека ќе го соопштат ставот за понатамошниот тек на преговорите. Нивното соопштение следуваше откако премиерот јавно порача дека нема услови за одржување лидерска средба.

Нема последен или претпоследен предлог нивни или наш, има дискусии, разговори, комуникација. За да се постигне некаков договор потребно е од двете страни да има согласност. Засега таква согласност од двете страни сè уште нема.

„Нема последен или претпоследен предлог нивни или наш, има дискусии, разговори, комуникација. За да се постигне некаков договор потребно е од двете страни да има согласност. Засега таква согласност од двете страни сè уште нема“, рече Груевски.

СДСМ, пак, со денови тврди дека до лидерска средба не доаѓало бидејќи премиерот избегнувал средба и не се изјаснувал за последниот предлог кој тие го дале.

Разбирливо е ВМРО-ДПМНЕ и Груевски да се трудат да помине што повеќе време затоа што само еден фиксен датум имаме во моментов во договорот од 2 јуни, тоа е датумот на предвремените парламентарни избори, така што повеќе се намалува периодот меѓу изборите и на таа транзициска влада тоа поголеми се шансите потребните промени на кои инсистира СДСМ да немаат време да се реализираат.

Сега се оставени клучните прашања, терминот за повлекување на Груевски и формирањето на преодна влада, нешто што на премиерот не му одговара да се договори брзо и затоа преговорите се одолговлекуваат, смета аналитичарот Алберт Муслиу.

„Разбирливо е ВМРО-ДПМНЕ и Груевски да се трудат да помине што повеќе време затоа што само еден фиксен датум имаме во моментов во договорот од 2 јуни, тоа е датумот на предвремените парламентарни избори, така што повеќе се намалува периодот меѓу изборите и на таа транзициска влада тоа поголеми се шансите потребните промени на кои инсистира СДСМ да немаат време да се реализираат“, вели Муслиу.

Неделата што измина, пак, се сметаше за клучна за решавањето на политичката криза преку дијалог поради изјавите на двајца вклучени во разговорите - Зоран Заев и Али Ахмети. Првиот на прес-конференција најави дека има интензивни средби и оти е договорено до крајот на таа седмица да завршат сите разговори и обиди за преговори. Ахмети, пак, рече дека се надева на скора средба и позитивен исход. Од друга страна, навлегувањето во летото и поминувањето на подолг временски период од објавувањето на опозициските бомби исто така одат во прилог на ВМРО-ДПМНЕ оценуваат аналитичарите.

Но, сепак Муслиу додава дека она што се слушнало од материјалите на опозицијата не може трајно да се заборави. Неговите процени се дека ако пропаднат преговорите, ситуацијата ќе се радикализира од двете страни, па СДСМ ќе продолжи со објавувањето на т.н. бомби, а може да се случи и апсење на Заев.

„Политичките партии кај нас немаат многу капацитет да менаџираат конфликтни ситуации што значи и дека работите може да излезат од контрола“, вели Муслиу.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG