Достапни линкови

Хванг и Мусовиќ со заедничка изложба „Спорни (оспорени) места“


„Спорни (оспорени) места“ е насловена заедничката изложба на корејската уметница Гуанг Хванг и нашиот Оливер Мусовиќ, што се одвива во Мобилно/монтажна галерија на Центарот за современи уметности, во Паркот на франкофонијата во Скопје. Со постановката тие ги истражуваат просторните политики во специфичните контексти на три светски градови – Сеул, Лос Анџелес и Скопје.

Со својот прв заеднички проект „Спорни (оспорени) места“, во рамките на кој се претставуваат со по две дела, серии од нивната понова продукција за просторните политики во специфичните контексти на три светски града – Сеул, Лос Анџелес и Скопје, Корејката Гуанг Хванг и македонскиот уметник Оливер Мусовиќ, всушност, се впуштаат во творечко истражување на забележаните практики и стратегии на употреба и злоупотреба на урбаниот простор и земја - од импровизирани комунални (заеднички) простори, преку програми за отстранување на улични графити, герила градинарство, па се до урбано пропаѓање, нелегално запоседнување на земјиштето и земјишни спорови.

Ги разгледуваме тие некои стратегии на политичкото во просторот, значи како тие луѓе се обидуваат тие простори да ги освојат. Се занимаваме со стратегија од типот на вандализам, односно на отстранување на графити...тоа е едно од делата на Гуанг.

Оливер Мусовиќ вели дека тие го разгледуваат контекстот на местото од позиција на идентитет. Како луѓето кои што го користат просторот го обликуваат спрема сопствениот идентитет. Тој дополнува дека во тоа е заедничката црта на делата на Гуанг и неговите, со тоа што во нив тие генерално се занимаваат со простори кои што се донекаде оспорени, со простори кои што ги присвојуваат различни групи или,пак, се обидуваат да ги отуѓат и слично.

„Ги разгледуваме тие некои стратегии на политичкото во просторот, значи како тие луѓе се обидуваат тие простори да ги освојат. Се занимаваме со стратегија од типот на вандализам, односно на отстранување на графити...тоа е едно од делата на Гуанг. Другото е за една група која сака да освои еден простор и да го развива како мали градини, додека властите го прогласуваат за парк. Е, сега тука има некои тензии меѓу тие две групи...а кај мене, во моите дела, е некако сличен проблемот, со тоа што во сериите „Соседи“ и посебно во последната која се вика „Земјишни спорови“, ја толкувам сопственоста врз земја.“

Просторот е понекогаш спорен домен на идентитетот, од личниот, па до колективниот. Преку неговата географија, границите и промените може да се набљудуваат манифестациите на идентитетот, како и екстерните услови на политичката и социјалната борба.

Гуанг, во пресрет на отворањето на изложбата, истакнува дека со Мусовиќ се запознале при неговиот минатогодишен резиденцијален престој во Сеул и дека не им требало многу за да заклучат дека нивните интереси во уметноста имаат нешто заедничко.

„Нам ни стана јасно дека како творци се интересираме за политиката на просторот, за просторот каде што живеат луѓето, за неговата демаркација...за тензиите што притоа се јавуваат. Така и започнавме да размислуваме за насловот на нашата заедничка изложба. Просторот е понекогаш спорен домен на идентитетот, од личниот, па до колективниот. Преку неговата географија, границите и промените може да се набљудуваат манифестациите на идентитетот, како и екстерните услови на политичката и социјалната борба.“

Родена 1983 година во Масан, Јужна Кореја, Гуанг Хванг дипломирала скулптура на Сеулскиот национален универзитет, а магистрирала на Калифорнискиот институт за уметност во 2012. Самостојно изложувала во САД и Јужна Кореја. Нејзината пракса се состои од теренската работа и перформативни интервенции во урбан пејзаж. Своите активности ги забележува на фотографии, дијалошки документи и видеа. Хванг користи различни форми на мимикрија и бришење/исчезнување за да ја долови пластичноста на субјективитетот помеѓу приватното и јавното во современиот урбан простор.

Од друга страна, роден 1971 година во Скопје, Оливер Мусовиќ, дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во родниот град во 1997, а магистрирал седум години подоцна на истата високообразовна институција. Зад себе има 15-тина самостојни изложби во Швајцарија, Словенија, Србија, Австралија, Црна Гора и во Македонија.

Учествувал на бројни групни графички изложби и изложби на современа уметност низ целиот свет, меѓу кои позначајни се „Последици - Менување на културниот пејсаж, Тенденции на ангажирана пост-југословенска современа фотографија“, Љубљана и низ Европа во 2014-14, “History, Memory, Identity: Contemporary Photography from Eastern Europe”, Модена, 2009; Букурешкото биенале, 2008; Солунското биенале, 2007; „Во Балканските клисури“, Касел, 2003, Европско биенале на современа уметност - Манифеста 4 во Франкфурт, 2002, како и на Истанбулското биенале, 1999.

Бил и на неколку резиденцијални престои во Кореја, САД, Франција и Швајцарија, а негови дела се застапени во повеќе јавни колекции како Фотографската фондација, Модена; Neuer Berliner Kunstverein, Берлин; Народен музеј на Црна Гора, Цетиње; Модерна Галерија/Музеј на современа уметност, Љубљана; Музеј на современата уметност, Скопје.

Во контекст на актуелните настани со узурпацијата на просторот и просторните политики кај нас, македонскиот уметник истакнува дека, иако нивната поставка тргнува од конкретни случаи, делата не се толку обременети со реалната политика во земјава. Тој потенцира дека посебно неа ја нема во она што го изложува Хванг која се бави со теми врзани за Сеул и Лос Анџелес, а дека самиот тргнува од приватни спорови. Сепак, како што знае да каже, сето тоа е во некој глобален контекст во кој што делуваат и каде се фокусираат врз се поголемиот контекст на политичкото во просторот. А, како што дополнува, во Македонија со проектот Скопје 2014 тоа е повеќе од очигледно.

„Полето на борба станува поле на физичкиот простор. Поле на архитектурата, на урбаниот простор. На урбаното развивање. Допирни точки постојат и ние се занимаваме со тој глобален феномен на политичкото во просторот, меѓутоа не конкретно со актуелни случаи. Едноставно премногу болат некои работи и навистина е тешко да се канализираат преку уметност. Досега во Македонија не сум виден некое издржано дело кое се бави со Скопје 2014. Некако е премногу блиску. Премногу боли. Не може да се одговори, ми се чини, со уметност на тоа што е некакво насилие во просторот. Едноставно се чувствуваш немоќен да одговориш.“

Инаку, изложбата „Спорни (оспорени) места“, се реализира во рамки на проектот на Центарот за современа уметност именуван како „Мобилна култура – Солидарни граѓани“, кој е подржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG