Достапни линкови

Нестабилноста ја уништува трговијата


Целиот регион емитира нестабилност, а тоа негативно влијае на економската активност. За добар економски амбиент, примарно е да има стабилен политички амбиент.

Политичката криза и безбедноста во земјата се едни од главните причини за падот на трговската размена во изминативе пет месеци, сметаат познавачите на економските состојби, коментирајќи го податокот објавен од Државниот завод за статистика кој вели дека од јануари до мај годинава, трговската размена е намалена за 13,6 отсто. Увозот во првите пет месеци од годинава е помал за 15,4 отсто во однос на минатата година, а извозот е намален за 10,5 отсто.

Настаните во Македонија, особено во кумановскиот случај и политичката криза на институциите којашто допира до компаниите кои соработуваат со Република Македонија, до потенцијалните инвеститори, едноставно произведуваат воздржаност.

Поранешниот гувернер на Народната банка на Република Македонија, Петар Гошев, вели дека целиот регион емитира проблеми во функционирањето на политичките институции и според него ова негативно влијание врз економските активности е очекувано, како тоа дека се очекувало да не се остварат и проекциите за планираниот раст коишто Владата ги усвои преку буџетот.

„Настаните во Македонија, особено во кумановскиот случај и политичката криза на институциите којашто допира до компаниите кои соработуваат со Република Македонија, до потенцијалните инвеститори, едноставно произведуваат воздржаност. Истовремено ова е дополнително што се случува со грчката криза, така што целиот регион емитира нестабилност“, вели Гошев.

Во вакви околности кога во Македонија сме во длабока политичка криза, никој не може да планира некакви идни активности.

Тој посочува дека планираната проекција за економски раст на Владата за 2015 година ќе биде помала за најмалку 1,5 до 2 процентни поени и штетните ефекти ќе се чувствуваат и оваа и следната година, особено доколку не биде разрешена политичката криза и ситуацијата во Грција

И универзитетскиот професор Биљал Касами вели оти за добар економски амбиент, примарно е да има стабилен политички амбиент и безбедност во државата, а бизнисмените да гледаат во нивните долгорочни проекти.

„Во вакви околности кога во Македонија сме во длабока политичка криза, никој не може да планира некакви идни активности. Така што ова е очекувано и јас очекувам доколку оваа ситуација продолжи, до крајот на годината и натаму да се намалуваат и економската размена и економските активности“, вели Касами.

Во периодот од јануари до мај оваа година вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија изнесува 1,7 милијарди долари, а на увозот 2,5 милијарди долари. Трговскиот дефицит во истиот период изнесува над 775 милиони долари.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG