Достапни линкови

Мигрантите кои минуваат низ Македонија и Србија трпат насилство и малтретирање од полицијата, која ги тепа и ги тера да плаќаат поткуп, како и од локални криминални банди, пишува во извештајот на организацијата Амнести интернешнел посветен на состојбата со мигрантите на Балканот.

Тепани, малтретирани и ограбувани, ова се дел од искуствата кои мигрантите ги споделиле во изминатава година со Амнести интернејшнал за нивниот пат низ Македонија, Србија и Унгарија. Илјадници бегалци, баратели на азил и мигранти, вклучувајќи деца, бремени жени и стари луѓе кои преземаат опасни патувања преку Балканот, доживуваат насилни злоупотреби и уцени од страна на властите и криминалните банди, се вели во извештајот на организацијата за човекови права.

Дури ни ги покажуваат и раните, каде што јасно се гледа дека се удрени со пендрек или друг полициски предмет, но сепак тие се плашат понатаму да зборуваат за тоа или да тераат некоја законска процедура и сè останува на изјавите на бегалците дека биле полициски малтретирани.

Мерсиха Смаиловиќ од невладината организација Легис која им помага на мигрантите во Македонија, вели дека тие честопати се жалат на полициска бруталност.

„Дури ни ги покажуваат и раните, каде што јасно се гледа дека се удрени со пендрек или друг полициски предмет, но сепак тие се плашат понатаму да зборуваат за тоа или да тераат некоја законска процедура и сè останува на изјавите на бегалците дека биле полициски малтретирани, од друга страна знаеме за финансиска злоупотреба, нели сега имавме случај каде двајца полицајци се уапсени за земање на мито, за продавање на потврдите, а потврдите се бесплатни“, вели таа.

Србија и Македонија станаа тесно грло низ кое се излева бранот на мигранти кои никој во Европа не покажува волја да ги прифати.

Во продолжение на извештајот е наведено дека е зголемен бројот на луѓе кои се оставени во правен вакуум на Балканот, а состојбата се влошува со депортацијата и враќањето назад на мигрантите на граничните премини, со ограничениот пристап до азил, како и со недостатокот на безбеден и легален пат до ЕУ. Србија и Македонија станаа тесно грло низ кое се излева бранот на мигранти кои никој во Европа не покажува волја да ги прифати, е заклучокот во извештајот.

Смаиловиќ вели дека по заострувањето на граничните контроли од Србија кон Македонија и од Македонија кон Грција, илјадници мигранти се заглавени во меѓуграничните области.

„Тоа што го зборувавме со мигрантите од каде доаѓаат, како ја поминале меѓузоната, сите кажуваат дека биле повеќе од три дена во меѓузоната, без храна, вода, без медицинска помош, затоа што Црвен крст доаѓа по повик на МВР. Кажуваат дека ги има многу, по 2 или 3 илјади, зависно од денот, затоа што ако отидете од грчка страна ќе видите дека има река од луѓе која се влева во Македонија, но не можете да ги видите никаде во Гевгелија“, вели таа.

Според Амнести, мигрантите кои пристигнуваат на грчките острови се упатуваат кон Атина пред да тргнат кон Македонија, од таму продолжуваат кон македонско-грчката, а подоцна и на македонско-српската граница каде се соочуваат со лош третман од погранична полиција и незаконско враќање назад.

Самиловиќ посочува дека на терен редовно гледаат како специјалните сили ги спречуваат мигрантите на граничните премини да влезат во Македонија.

„Дури имавме случај каде што бегалците влегле во Гевгелија и полицијата ги враќа назад, повторно во меѓузоната. Кога се на сосема македонска територија, правото да се движат им е загарантирано право, а Македонија треба да изнајде друг механизам за да го контролира одливот на мигрантите. Но, сепак не може да се оправда и не може да се даде законска рамка на нехуманиот однос и нехуманиот третман на бегалците во меѓузоната, без храна и вода“, вели Смаиловиќ.

Лошиот третман во прифатниот центар во Гази Баба не поминува незабележан во извештајот. Еден од интервјуираните мигранти за Амнести вели дека стотици бегалци биле чувани на места со ограничен пристап до вода, тоалети и здравствена заштита, а поради пренатрупаност на прифатниот центар некои биле принудени и да спијат и на скали.

Мигрантите кои бегаат од војна, сиромаштија и прогон се срамно запоставени од лошиот систем за азил и миграција на ЕУ, кој ги остава заробени без заштита во Србија и Македонија, се додава во извештајот.

Извештајот на Амнести интернејшнал е врз основа на наодите од четири истражувачки мисии во Србија, Унгарија, Грција и Македонија во периодот меѓу јули 2014 и март 2015 година, за кое време беа интервјуирани стотици бегалци и мигранти.

Организацијата вели дека бројот на луѓе приведени за време на преминот на српско-унгарската граница, е зголемен за повеќе од 2.500 отсто во споредба со 2010 година, од 2.370 до 60.602 луѓе.

Во извештајот се додава дека сè поголемиот број на бегалци кои доаѓаат од целиот Балкан се резултат на сеопфатниот неуспех на политиката на ЕУ кон миграциите и азилантите, над што Србија и Македонија немаат контрола.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG