Достапни линкови

Во СДСМ тврдат дека до средба не дошло поради тоа што Груевски сè уште не ја прифатил поканата да се сретнат и не се изјаснил за последниот предлог што тие го дале.

Откако минатиот понеделник се договорија да се сретнат до крајот на неделата, па лидерска средба во петокот и вчера немаше, останува прашањето кога таа ќе се случи. ОД СДСМ топката ја префрлаат кај ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата тврдат дека до средба не дошло поради тоа што Груевски сè уште не ја прифатил поканата да се сретнат и не се изјаснил за последниот предлог што тие го дале.

Поголема корист од одолговлекувањето на овој преговарачки процес има според мене позицијата затоа што оние последици што ги трпи од објавувањето на бомбите се забораваат, односно како поминува времето сè помалку и помалку се паметат разговорите што беа објавени.

Од ДУИ, пак, имаат поинакво објаснување зошто се одолговлекуваат работите. Од партијата на Ахмети брифираат дека воопшто и нема покана за состанок од главниот, како што велат, организатор на средбите - Европската унија. Нивните процени се дека тие најверојатно чекаат да се создаде атмосфера за да се свика средба за таа да не завршела како и досега без конкретен исход. Во врска, пак, со евентуален предлог на СДСМ за кој тие тврдат дека чекаат изјаснување од Груевски, од ДУИ велат дека сите партии на средбите давале предлози од кои потоа претставниците од Европската унија правеле сублимати кои им ги презентирале.

Ако се анализира малку посуштински, на овие лидерски средби се факторизира лидерите на Албанците кои ништо не прават и одеднаш сакаат да постават на агенда некое прашање на Албанците кое претходно не го покренале.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев уште минатата недела рече дека имаат интензивни средби на сите партиски нивоа и дека е договорено до крајот на таа седмица да завршат сите разговори и обиди за преговори и по пат на зелена маса да се стигне до договор. Од СДСМ сега на прашањето што ако не се постигне договор преку дијалог не одговараат, велејќи дека требало да се почека исходот па официјално ќе го соопштеле својот план. Но, исто така од партијата тврдат и дека нема да чекаат уште долго, оти, како што велат, ова не може вечно да трае.

Лидерските средби и целосно решението на кризата преку дијалог се одолговлекува поради тоа што и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат крајно спротивставени ставови и црвени линии од кои не сакаат да се помрднат, оценува Митко Гаџовски, политиколог.

„Поголема корист од одолговлекувањето на овој преговарачки процес има според мене позицијата затоа што оние последици што ги трпи од објавувањето на бомбите се забораваат, односно како поминува времето сè помалку и помалку се паметат разговорите што беа објавени во т.н. бомби, а има и време самата партија да се консолидира, зборувам за ВМРО-ДПМНЕ, така што сметам дека во прилог повеќе ѝ оди на ВМРО-ДПМНЕ ситуацијата со одолговлекување на преговорите и наоѓање на заедничко решение“, оценува Гаџовски.

Според аналитичарот Алајдин Демири, одложувањето на наоѓањето на решение било поради вина на сите, оти, како што вели, лидерите немале чувство за државност и одговорност. Но, неговите процени се дека тоа покрај на ВМРО-ДПМНЕ им одговарало и на ДУИ и ДПА.

„Ако се анализира малку посуштински, на овие лидерски средби се факторизира лидерите на Албанците кои ништо не прават и одеднаш сакаат да постават на агенда некое прашање на Албанците кое претходно не го покренале. Затоа овие средби ним им треба да траат што подолго и што подолго да ги има во медиумите и во политичкиот живот“, вели Демири.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG