Достапни линкови

Македонија и последиците од грчкото „не“


Илустрација.

Илустрација.

Спорот за името веројатно нема да биде во фокусот, зашто Грција ќе се насочи кон излез од кризата, а евентуалното напуштање на еврото може да има негативни последици врз македонската економија.

Ден откако повеќе од 61 отсто од Грците преку референдум кажаа „не“ за предложените услови за реформи од меѓународните кредитори, во Грција оставки си поднесоа лидерот на Неа Демократија Андонис Самарас и министерот за финансии Јанис Варуфакис, а Европската унија, пак, се подготвува за вонреден самит. Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд за утре свикаа вонреден самит на ЕУ посветен на Грција.

Логично би било да се очекува дека средувањето на ситуациите на двете страни од границата треба да претходи на какви било поинтензивни наши односи.

Професор Денко Малески смета дека од политички аспект, на ниво на Унијата, сега ќе следува период на разговори и средување на односите внатре.

Ако се случи Грција да се оддалечи од еврозоната, тоа значи да се врати на својата национална валута драхмата, веројатно при една таква депрецијација на националната валута уште повеќе ќе се влошува овој трговски дефицит со Македонија ако останат и економските релации на таа основа, бидејќи таа ќе биде уште поконкурентна.

„Што се однесува до односите со Македонија, мислам дека нема да има ниту малку време на тоа да се посвети политиката на државата и апсолутно целосно ќе биде посветена на излез од кризата. Она што и кај нас сега има внатрешна политичка криза, која не може да ги разреши оние базични работи на македонската демократија за да може системот нормално и легитимно да функционира, уште повеќе ја усложнува оваа наша релација. Значи логично би било да се очекува дека средувањето на ситуациите на двете страни од границата треба да претходи на какви било поинтензивни наши односи“, вели Малески, кој сепак додава дека постои и друга варијанта, но само ако светските сили, кои веќе со внимание ги следат случувања, ја свртат својата политика кон регионот па почнат да вршат притисок кој за Македонија би значел брзо членство во Европската унија и во НАТО, а за Грција решение на нивниот економски проблем.

Случувањата кај јужниот сосед како и да се развиваат ќе имаат сериозни економски импликации врз земјава, оценува академик Абдулменаф Беџети. Грција е значителен трговски партнер на Македонија со која годишно трговска размена се движи до 900 милиони американски долари, со изразен дефицит на македонска страна, напоменува Беџети.

„Ако се случи Грција да се оддалечи од еврозоната, тоа значи да се врати на својата национална валута драхмата, веројатно при една таква депрецијација на националната валута уште повеќе ќе се влошува овој трговски дефицит со Македонија ако останат и економските релации на таа основа, бидејќи таа ќе биде уште поконкурентна. Значи, прво билатерално ќе биде поконкурентна, второ и во мултилатерала ќе биде поконкурентна во однос на тоа што може да биде супститут на одредени сектори и производи од раноградинарството што Македонија исто така ги произведува и ги извезува во Европската унија“, вели Беџети, кој очекува негативни трендови и кај грчките инвеститори во земјава. Во однос, пак, на Унијата, тој очекува да се најде начин и тројката во Европската унија да стане, како што вели, порационална во однос на нивните барања бидејќи на акумулираниот проблем со години не можело да се бара решение за шест месеци.

„Веројатно ќе се направат нови репрограмирања и на некој начин тие ќе бидат порационални, а претпоставувам и дека владата во Грција ќе биде порационална откако е охрабрена со оваа одлука“, вели Беџети.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG