Достапни линкови

logo-print

„Монструм“ ќе чека до септември


Судскиот процес „Монструм“

Судскиот процес „Монструм“

Апелациониот суд ја одложи расправата за пресудата за петкратното убиство кај Смилковско Езеро. Случајот Монструм кој пред една година доби судски епилог на 11 септември повторно ќе биде отворен за јавност, Апелација тогаш ќе ги разгледува жалбите за пресудите на шестмината осудени за убиствата на четири момчиња и еден возрасен маж на 12 април 2012 година. Одбраната и роднините стравуваат дека со одложувањето на ова рочиште се прави политичко тактизирање.

Алил Демири, браќата Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута кои се осудени на доживотна казна затвор поради тероризам за случајот „Монструм“ ќе чекаат до 11 септември, за разгледување на жалбата за пресудата пред Апелациониот Суд. Тие пред една година беа осудени за петкратното убиство кое се случи на 12 април 2012 година каде што беа убиени 4 момчиња и еден повозрасен маж.

За да се отстранат многуте неправилности кои се сторени, првенствено за многуте битни повреди на законот за кривичната постапка, и сосем погрешно утврдена фактичка состојба, како и впрочем за сите жалби кои ни ги доставивме до судот.

Адвокатот на еден од обвинетите Насер Рауфи, вели дека очекува или ослободителна пресуда или случајот да се врати во првостепена постапка.

„Каде што ќе се врати на прв степен во Основен Суд Скопје 1- Скопје, за да се отстранат многуте неправилности кои се сторени, првенствено за многуте битни повреди на законот за кривичната постапка, и сосем погрешно утврдена фактичка состојба, како и впрочем за сите жалби кои ни ги доставивме до судот.“

Незадоволството од текот на судењето и од висината на изречените затворски казни минатата година се прелеа на улиците, па роднини и пријатели на осудените со денови протестираа пред Основниот суд Скопје 1, а некои од демонстрантите, поради насилство, завршија в затвор.

Јас мислам дека ќе се дознае вистината тогаш и дека конечно ќе добие праведен епилог овој долг процес кој се одолговлекува за сопствен интерес, оти секој сака да се заштити и да има алиби.

Контроверзниот случај дополнително го привлекува вниманието на јавноста со најавата на опозицијата дека во една од наредните таканаречени бомби, ќе бидат објавени и прислушувани телефонски разговори на државни функционери кои зборуваат за оваа тема.

И семејствата на загинатите и семејствата на осудените во неколку наврати јавно бараа од опозицијата да ги објави тие разговори, за конечно да ја дознаат вистината.

„Јас мислам дека ќе се дознае вистината тогаш и дека конечно ќе добие праведен епилог овој долг процес кој се одолговлекува за сопствен интерес, оти секој сака да се заштити и да има алиби дека се што се сторило и што се случило може утре да се користи за ние како оштетени да ги тужиме и да сносат одговорност. Не бараме само ние да заврши ова, туку и родителите на трагично загинатите во овој случај сакаат што поскоро да се заврши и да се дознае вистината. Јас мислам дека треба да се ослободат нашите затоа што се невини,“ вели Бедри Ајдари, роднина на осудениот Фејзи Азири.

Роднините на осудените сметаат дека одложувањето на седницата на Апелационен суд е политичко тактизирање, односно дека намерно не се донесени од затворот во Идризово двајцата осудени, поради кои беше одложено.

И по две години од приведувањето на првообвинетите за случајот Монструм, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, во Приштина, се уште нема одговори од институциите каде закочи екстрацијата, и дали воопшто тие ќе бидат донесени во Македонија.

Обвинителството тврдеше дека убиството било извршено за да се внесе немир кај македонскиот народ, односно во обвинителниот акт е наведено дека осудените имале намера да извршат убиство врз повеќе луѓе од македонска национална припадност.

За да се задоволи правдата, државата треба да ги открие нарачателите на убиството, порачаа семејствата на жртвите по изрекувањето на пресудата. Роднините на обвинетите, пак, револтирано дофрлаа дека пресудата е донесена без докази, дека се работи за политички монтиран процес и дека обвинетите всушност не се виновниците.

Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Наќевски, Филип Славковски и Борче Стевковски беа убиени со вкупно 21 истрел од автоматски пушки и пиштол на 12 април 2012 година, Велики Четврток, додека ловеа риба кај Смилковското Езеро.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG