Достапни линкови

Алексов - Напуштањето на еврото во Грција може да направи компликации


Ако Грција излезе од еврозоната, тоа може да има влијание на трговската размена меѓу Македонија и јужниот сосед, но ако го задржи еврото, и покрај проблемите, трговијата би требало да се одвива со сегашната динамика, вели извршниот директор на Сојузот на стопански комори Митко Алексов во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Алексов, какви ќе бидат последиците врз македонскиот бизнис сектор случувањата во Грција и евентуалниот банкрот на земјата?

Грција во четвртокот не успеа да ја врати онаа рата од 1,6 милијарди долари кон ММФ и тоа не значи дека земјата во банкрот, но има една карактеристика која се нарекува технички банкрот. Реномираните светски кредитни агенции експресно реагираа и веќе ја категоризираа Грција во земја со категорија Ц-, односно во држава која не е во можност да ги сервисира своите долгови, односно да ги плаќа своите обврски кон доверителите и кон странство. Постојат неколку сценарија, сега не можеме да предвидиме кое сценарио би се остварило, но, како што рековте, при евентуален банкрот или при евентуално излегување на Грција од еврозоната и промена на валутата, тоа не е едноставно работа. При една таква промена за очекување е новата национална валута на Грција да претрпи девалвација од 45, па според некои предвидувања до 85 проценти, значи тоа е сериозна работа. Понатаму, при една ваква валутна промена, предвидувањата се дека грчкиот БДП ќе падне за 10 проценти, тоа исто така е сериозен економски удар врз земјата, меѓутоа вакви валутни промени не се случуваат преку ноќ. Значи, тоа е една посложена ситуација. За македонските компании во ваков случај треба да се има предвид дека при девалвација ќе има поевтинување на грчкиот извоз. Значи грчките производи ќе бидат поевтини при пласирање на пазарот, тоа значи дека постои можност за поголем пласман на грчки производи кои во Македонија би биле поевтини, но во оваа констелација ќе поскапи, така што тоа е и некоја можност и за македонските компании. Значи, доколку одредени производи од ЕУ станат скапи за увоз во Грција, тогаш може и одредени наши производи да бидат конкурентни, односно поевтини за да се пласираат на грчкиот пазар. Минатата година трговската размена меѓу Македонија и Грција беше околу 894 милиони долари, при што извозот е 227 милиони долари, а увозот од Грција 667 милиони долари, што значи дека имаме трговски дефицит од околу 440 милиони долари. Според податоците од Државниот завод за статистика, во првиот квартал годинава трговската размена била 151 милиони долари, што е помалку споредено со првиот квартал минатата година. Ќе видиме како ќе се одвива трговската размена со Грција годинава, меѓутоа тоа ниво од околу 700, 800, па некои години до 900 милиони долари традиционално го имаме како трговска размена. Промената на валутата или излегувањето од еврозоната за Македонија или за нас како економија, гледано пошироко, од европски аспект, не е добро, затоа што може да предизвика домино ефект во ЕУ или во еврозоната и истото да се случи во блиска иднина или за извесно време и во Италија, Шпанија или Португалија, така што ќе имаме една состојба на неизвесност, така што ќе видиме како ќе се одвиваат работите.

Хипотетички, доколку Грција остане во еврозоната и го задржи еврото, а рецесијата продолжи, какви последици ќе има врз трговската размена меѓу Македонија и Грција?

Ако состојбата остане каква што е, доколку останат во еврозоната, трговските односи ќе се одвиваат на начин и на ниво како што се одвиваат и сега, таа ситуација ни е веќе позната. За нашите компании во оваа состојба опасност е одложувањето на одредени плаќања или доспеани побарувања кои ги имаат од грчки компании, бидејќи гледаме дека банките се затворени, не функционира банкарскиот систем, така што нашите компании треба да го очекуваат тоа дека може да има одредени одложувања. Значи, не велиме дека нема да се плати, меѓутоа треба тоа да се има предвид, а во понатамошното работење секако дека тоа ќе зависи од фирма до фирма, врз основа на нивната индивидуална одлука како ќе соработуваат со партнерите од Грција, дали ќе се обезбедуваат со одредени финансиски гаранции, дали со авансни плаќања, тоа ќе мора да се има предвид, затоа што гледаме дека работењето со Грција има сериозни финансиски проблеми.

Дали моментална финансиска криза ќе остави траги врз транспортот на добра?

Ние очекуваме дека трговската размена меѓу Македонија и Грција како соседни земји во која било варијанта ќе продолжи, ќе се види во кој облик. Претежно нашиот извоз се состои од металната индустрија, текстилната индустрија, дел прехранбена, градежни материјали, значи тука ние сме конјуктурни, така што оваа надворешна трговска размена ќе продолжи, транспортот ќе продолжи да ги пренесува овие добра, така што во тој дел не очекуваме некои драстични промени.

Како ќе се одрази должничката криза во Грција врз инвестициите во земјава, ако имаме предвид дека Грција е високо рангирана на листата на инвеститори?

Главните инвестиции од аспект на вредност од Грција, ако се погледен статистички, се во 2007 и 2008 година. Значи, во последниве четири пет години слободно може да кажеме дека нема некоја посериозна грчка инвестиција. Меѓутоа сепак има инвестиции во градежниот сектор, нели Усје, потоа има во банкарскиот сектор, има инвестиции во текстилниот сектор, прехранбениот сектор. Доколку дојде до евентуална валутна промена, ние во Сојузот на стопански комори мислиме дека тоа нема да биде причина за повлекување на грчките инвеститори од Македонија, значи не очекуваме да дојде до такво нешто, затоа што ние како економија сме конкурентни од сите аспекти, и од аспект на бизнис клима и од аспект на инфраструктура и од аспект на работна сила, така што, во зависност од развојот на ситуацијата во иднина, може да дојде и до зголемување или до нови инвестиции од страна на грчки компании во Македонија, ќе видиме како ќе се одвива.

Какви промени може да очекуваме во однос на туризмот?

Од аспект на туризмот слободно може да кажеме дека ние не сме конкуренти со Грција, затоа што имаме различен вид на туризам. Одреден број, вид и категорија на туристи што доаѓаат во Македонија не е ист со туризмот и туристите кои одат во Грција. За грчки туристи кои доаѓаат во Македонија не очекуваме дека тоа би се намалило, со таа динамика, интензитет и обем во кој доаѓаат и сега, бидејќи сепак ние не сме некоја скапа туристичка дестинација, каде што одредени валутни промени и осиромашување на грчките граѓани кое е за очекување, ќе придонесе тие да не може да поминат извесен период на време како туристи во Република Македонија.

Што може да очекуваат македонските туристи во Грција?

Традиционално нашите туристи ја посетуваат Грција и тоа ќе продолжи. Не би требало да има енормно зголемување на македонски туристи во Грција затоа што евентуално би поевтиниле аранжманите, таа динамика ќе си продолжи како и досега, тоа е нашето очекување предвидување.

Граѓаните сега имаат дилеми дали кога ќе одат на летување во Грција да носат само готовина, дали да го наполнат резервоарот со гориво, каде да наполнат бензин. Може ли во овој дел да очекуваме некакви проблеми, имајќи ги предвид случувањата и затворањето на банките?

Треба тоа да се има предвид. Ваква ситуација чинам дека имаше во 2011 година, кога имаше некакви штрајкови на бензинските пумпи, така што пожелно е да се има гориво чисто за превентива. Дестинациите каде што одат нашите граѓани со автомобил претежно се доволно блиску за со еден резервоар да може да одат и да се вратат, но ете како превентива можеби и тоа треба да се преземе. Готовина секако дека носиме, затоа што и реално во сите угостителски објекти сведоци сме дека фискализацијата не е застапена за плаќање со картички, така што се плаќа и во готовина и тоа е нешто вообичаено.

Каква поука треба да извлече Македонија од грчките грешки со задолжувањето, имајќи предвид дека земјава должи над 6 милијарди евра кон странство?

Дека должиме 6 милијарди евра тоа треба да се расчлени колку е јавен долг кон странските банки кои се тука, кон компаниите кои имаат земено кредити, а колку е долг на државата и владата. Според официјалните податоци, тоа е на подносливо ниво во моментов меѓу 34 и 35 проценти од БДП. Сега ние се движиме во одредена граница која е поднослива, оперативна, добро е да не се задолжуваме и понатаму и да го држиме ова ниво на долг за да можеме редовно да го сервисираме, што како држава го имаме и покажано досега, пред се со предвремено враќање на нашиот долг за една и пол година кон ММФ и не случајно сме во категорија ББ+, значи земја со стабилна економија која може да си ги сервисира своите обврски. Конкретно кога споменавте како искуство од Грција, преголемо трошење кое не е во корелација со перформансите на економијата, значи да не навлегуваме сега во детали, меѓутоа има некои такви поволности во последните 20-тина години за грчките граѓани, значи да не навлегуваме, меѓутоа пензионирање со 62 години старост, потоа разни бенефиции кои ги добиваат вработените и во јавната администрација, така што тоа не е реално, едноставно се покажа дека грчката економија немала капацитет за нешто такво. Тоа е искуството кое ние треба да го имаме предвид, значи колку што може да заработиме, толку и да потрошиме.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG