Достапни линкови

Окамовиот меч за прислушувањето


Новица Наков, блогер, истакнат член на македонската заедница за слободен софтвер. Фото: Петар Кајевски.

Новица Наков, блогер, истакнат член на македонската заедница за слободен софтвер. Фото: Петар Кајевски.

Операторите не ја исклучиле опремата инсталирана во 2010 и со тоа ја прекршиле одлуката на Уставниот суд и овозможиле непречено прислушување и кога законот тоа не го барал од нив, пишува блогерот Новица Наков во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Има еден пасус во извештајот на експертската група предводена од Рајнхарт Прибе којшто посредно ја лоцира одговорноста на телекомуникациските оператори во Македонија. Тоа, се разбира не е ништо ново, бидејќи за таа одговорност пишувам подолго време, но кога тоа ќе го напише европски експерт, како по обичај, тоа посилно одекнува во јавноста:

Операторите стојат на ставот дека работеле согласно закон, но постојат стотици снимки кои покажуваат чад од нивните дирекции. Поговорката е: каде што има чад, таму има и оган.

На основа на членовите 175 и 176 од Законот за електронски комуникации, секој од трите национални провајдери на телекомуникации ја обезбедува УБК со потребниот технички апарат, што ѝ овозможува да ги преслика директно нивните целосни операциски центри. Како последица, од практична гледна точка, УБК може да пресретнува комуникации директно, автономно и непречено, без разлика на тоа дали има или не судска наредба согласно Законот за следење на комуникациите. (стр. 5-6 од извештајот од 8 јуни 2015 на експертската група на Европската комисија.)

Извештајот на експертската група за нас потврдува две работи: дека опрема постои во операторите и дека таа опрема е во употреба.

Сепак, прашањето на кое постојано бараме одговор е од кога таа опрема функционира? Сѐ помалку има сомнеж дека ДБК работејќи без налог ги прекршувала законите и Уставот на Република Македонија, но дали тоа го сториле и операторите?

Членовите 175 и 176 од Законот за електронски комуникации се на сила од февруари 2014 година кога е изгласан цитираниот Закон за електронски комуникации (Службен весник на РМ бр. 39/2014). Но, како што чувме од снимките и научивме од новинарските анализи, разговорите се водени во различни периоди и постојат снимки уште од 2011 година. Како се направени овие снимки ако тогаш на ДБК не ѝ било овозможено „директно да ги преслика нивните целосни операциски центри“?

Окамовиот меч е принцип што вели дека од можните хипотези треба да ја одбереме таа што содржи најмалку претпоставки. Еве ја: Операторите не ја исклучиле опремата инсталирана во 2010 и со тоа ја прекршиле одлуката на Уставниот суд и овозможиле непречено прислушување и кога законот тоа не го барал од нив.

Всушност со измените на Законот за електронски комуникации во 2010 година (Службен весник на РМ бр. 83/2010), опремата за прв пат е поставена во операторите. Но, многу брзо потоа, во декември 2010 Уставниот суд на Република Македонија ги поништува членовите од законот што овозможуваат „директно, автономно и непречено“ прислушување. Поништувањето значи дека ваквиот пристап на ДБК до операторите е нелегален, а нивна обврска била да го прекинат. Ако таа одлука на Уставниот судот е почитувана, тогаш од каде снимки од 2011 година (на пример, од уривањето на „Космос“)?

Операторите стојат на ставот дека работеле согласно закон, но постојат стотици снимки кои покажуваат чад од нивните дирекции. Поговорката е: каде што има чад, таму има и оган. И додека тие не се ни трудат да ја вратат довербата на јавноста во нивното работење со податоците на корисниците, Агенцијата за електронски комуникации и Дирекцијата за заштита на личните податоци, кои се задолжени за надзор на телекомуникациите и правата на приватност корисниците, остануваат мирни и рамнодушни кон масовната злоупотреба што ја сведочиме.

Окамовиот меч е принцип што вели дека од можните хипотези треба да ја одбереме таа што содржи најмалку претпоставки. Еве ја: Операторите не ја исклучиле опремата инсталирана во 2010 и со тоа ја прекршиле одлуката на Уставниот суд и овозможиле непречено прислушување и кога законот тоа не го барал од нив.

На операторите им е доделена важна и одговорна улога во општеството и според законите мора да се грижат за приватноста и доверливоста на податоците на нивните корисници до кои имаат пристап. Во време кога дигиталните комуникации играат сѐ поважна улога во општествените и политичките случувања нивната одговорност само се зголемува. Ако сакаат да ни покажат дека тие одговараат на предизвикот и дека горната хипотеза не е точна, тогаш можат да ги објават актите со кои нивните директори наредуваат исклучување и демонтирање на опремата што овозможувала директен пристап до комуникациите согласно одлуката на Уставниот суд. Ако тие акти содржат класифицирани информации, ќе се задоволиме и со документи прошарани со црни полиња како од филмовите. До тогаш: каде што има чад, таму има и оган.

XS
SM
MD
LG