Достапни линкови

До договор само со меѓународен притисок


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Власта и опозицијата остануваат на своите позиции со што се оневозможува договор за надминување на политичката криза. Аналитичарите велат дека до компромис може да дојде само со притисок од меѓународниот фактор.

Времето на повлекување на Груевски од функцијата премиер, формирањето на т.н. преодна влада, нејзиниот состав и начинот на кој ќе функционира, од она што досега е јавно познато, се прашањата за кои е најтешко да се постигне договор меѓу партиските лидери. Веќе еден месец, односно од договорот од 2 јуни постигнат во Скопје, претседателите на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, СДСМ и ДПА разговараат за, како што е дефинирано во договорот, организацијата на владата што ќе ги подготвува изборите во април идната година, а средбите завршуваат само со договор за следна.

Со оглед на упорноста на Груевски да остане на власт, а тој има причини зошто се бори да остане на власт, тоа ќе потрае, нема така брзо да си замине, но иако сега е многу тешко да се прогнозира, мислам дека тоа ќе се случи за четири до пет месеци.

Според професор Темелко Ристески, повлекувањето на Груевски нема да се случи на актуелните лидерски средби.

„Со оглед на упорноста на Груевски да остане на власт, а тој има причини зошто се бори да остане на власт, тоа ќе потрае, нема така брзо да си замине, но иако сега е многу тешко да се прогнозира, мислам дека тоа ќе се случи за четири до пет месеци“, вели Ристески, кој е убеден и дека Европската унија и Соединетите Американски Држави ќе вршеле притисок за такво разрешување на ситуацијата.

Се купува време и на крај сепак ќе се најде решение со огромен притисок од странците, а не поради некаква политичка волја или каење за тоа што е направено во минатото. Мислам дека во текот на овој месец мора да се случи тоа.

Инаку, дека позициите за повлекувањето на Груевски се цврсти и кај двете страни може да се препознае и од јавните изјави на партиските лидери. Имено премиерот повторно неодамна порача дека нема намера да се повлече нагласувајќи дека народот на избори одлучувал кој ќе биде власт, а кој опозиција. Опозицијата, пак, останува на ставот дека сè што е досега договорено, како на пример изборите во април, ќе важи само ако Груевски и неговите соработници за кои, како што велат, покажале дека имале криминогени активности си заминат од власта.

И аналитичарот Мерсел Биљаљи не е оптимист дека двете страни може да се договорат за ова клучно прашање деновиве. Вели дека е тешко да се прогнозира какво ќе биде решението оти се работело за непредвидливи лидери.

„Се купува време и на крај сепак ќе се најде решение со огромен притисок од странците, а не поради некаква политичка волја или каење за тоа што е направено во минатото. Мислам дека во текот на овој месец мора да се случи тоа“, смета Биљаљи.

Роковите, пак, за наоѓање на решение кои ги обелоденија јавно претседателите на СДСМ и на ДУИ се доста пократки од прогнозите на аналитичарите. Деновиве Заев рече дека било договорено до крајот на оваа седмица да завршат сите разговори и обиди за преговори и по пат на зелена маса да се стигне до договор, а Ахмети дека е се надева на позитивен исход.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG