Достапни линкови

Сонатата „Македонија “ на Анунциато премиерно на Скопско лето


Аргентинскиот композитор и пијанист Маурицио Анунциато на прес конференција во Скопје, заедно со Симона Симуновска, селектор на музичката програма на Скопско лето и младата режисерка Теа Беговска.

Аргентинскиот композитор и пијанист Маурицио Анунциато на прес конференција во Скопје, заедно со Симона Симуновска, селектор на музичката програма на Скопско лето и младата режисерка Теа Беговска.

Со одбир на композиции од прочуените Алберто Вилијамс и Алберто Гинастера и со изведба на сопствени композиции, на 3 јули, во 20.30 часот, во Музеј на град Скопје ќе настапи аргентинскиот композитор и пијанист Маурицио Анунциато, автор чии творби се прогласени за дела од светски интерес од страна на УНЕСКО. Познат по својата работа на истражување, откривање и експлоатација на локални форми, тој во вториот дел од рециталот премиерно ќе ја изведе Сонатата за пијано бр. 8 насловена „Македонија“.

По само два дена од бележитиот џез перформанс на унгарската дружина НИГУН во предворјето на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, во рамките на интернационалниот дел на програмата од актуелното Скопско лето, љубителите на музиката ќе имаат несекојдневна можност да уживаат во творештвото и изведбата на познатиот аргентински композитор и пијанист Маурицио Анунциата, еден од оние чии творби се прогласени за дела од светски интерес од страна на УНЕСКО.

На овој концерт премиерно ќе ја изведам Сонатата за пијано бр. 8 што ја нареков „Македонија“ и која е инспирирана од македонската традиционална музика. Во неа почнувам со гајдите, потоа им се обраќам на ората, третиот дел е ромска музика и последниот е оркестарски дел.

Роден во Буенос Аирес од родители кои потекнуваат од Италија, тој уште од најрана возраст свирел на пијано и покажувал афинитети кон компонирање музика. Студирал со славната Лиа Чимаља Еспиноза, последната поврзувачка нишка на аргентинскиот пијанизам, а започнал како солист да настапува уште како многу млад со оркестарот на Аргентина во театарот „Колон“.

Во 1990 година семејството Анунциата се враќа во Италија и Маурицио на свои 16 години зад себе веќе имал неверојатен опус на симфониска и камерна музика. Во меѓувреме остварил и серија на успеси како инструменталист на голем број светски престижни натпревари.

Дипломирал компјутерски науки на Универзитетот во Аквила на темата “Автоматски систем за музички анализи”. Создал нов, сеопфатен модел на уметничка форма: „Лирска мултимедијална опера“. Со оваа сестрана и возбудлива структура „Концерт-театар“, напишал серија на звучни фрески базирани на аргентинските митови.

Не многу потоа Анунциата го основал и управувал со оркестарот „Иброамерикана де Каталуња“ кој поради своите заложби за мир и интеграција на Латинска Америка добил покана да одржи серија концерти во палатата на Владата во Каталонија, на Универзитетот во Барселона, театарот „Сент Андре“ и уште многу други места. Паралелно за неуморната работа на истражување, откривање и експлоатација на локални музички форми во Аргентина уметникот се здобил со многу признанија и од тамошната влада.

Од друга страна, за своите духовни композиции Маурицио Анунциата бил наградуван и во Ватикан каде соработувал со хорот на Сикстинската капела.

И, конечно во биографијата на уметникот стои дека има добиено признанија за 150 дела вклучувајќи ги тука неговите симфонии, концерти, соло песни, опери, камерната музика и композициите за пијано.

А, кога сме веќе кај пијанизмот неговиот соло концерт, што ќе се одржи овој петок во Музеј на град Скопје, е насловен „Аргентинско пијано, емоција и виртуозност“ и се состои од композиции на Алберто Вилијамс, Алберто Гинастера, но и од авторски дела. Притоа особено е значајно тоа што, во вториот дел од рециталот Маурицио Анунциата премиерно ќе ја изведе Сонатата за пијано бр. 8 насловена „Македонија“.

Во пресрет на концертот, на разбирлив српско-хрватски јазик што веројатно го научил од својата љубена која е од Црна Гора, тој знае да каже дека е навистина среќен што доаѓа да настапи во Македонија бидејќи со балканската музика се бави скоро две децении.

„Многу ја сакам изворната народна музика. Истражувајќи ја аргентинската, шпанската, италијанската и музиката на Инките...потем и музиките од овој дел на светот, од Балканот, дојдов до заклучок дека тие имаат заеднички нишки. Ако таа музика ве прави среќен додека ја слушате тогаш е нормално да има нешто слично. Студирав во Аргентина и во Италија, бев насекаде по светот, но она што за сето време го чувствувам е дека сум повеќе композитор отколку пијанист. Едноставно мојата прва амбиција е да пишувам музика. На овој концерт премиерно ќе ја изведам Сонатата за пијано бр. 8 што ја нареков „Македонија“ и која е инспирирана од македонската традиционална музика. Во неа почнувам со гајдите, потоа им се обраќам на ората, третиот дел е ромска музика и последниот е оркестарски дел. Морам да признам дека имам малку страв пред концертот бидејќи сум свесен дека јас не сум овде да ве учам како се свири македонска музика, па затоа би в замолил да не се лутите на мене ако згрешам. Ако немам добар акцент на ритамот...,а вистина вложив голем напор да го изнесам моето видување на вашата богата фолклорна традиција!, вели Маурицио Анунциата.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG