Достапни линкови

Весниците за политичката и бегалската криза


Изјавата на Заев дека не го признава Судот, преговорите за излез од кризата, бегалците, се само дел од темите во весниците.

Лидерот на СДСМ веќе не објавува „бомби“, според договореното во преговорите за решавање на политичката криза, но пушти една друга „бомба“, а резултатите од неа допрва останува да се видат: „Не го признавам овој суд, дојдете и уапсете ме!“ ја објави Слободен печат поентата од неговата изјава откако судот прифати да му се суди за случаите „Поткуп“ и „Пуч“. „Заев не го признава судот и чека да биде притворен за случајот Пуч“, објави Утрински. Вечер објави: „Заев не признава ништо во Македонија, па ни судот!“ а Дневник: „Заев не го признава судот, но преговорите за излез од кризата продолжуваат“.

Заев не го признава судот и чека да биде притворен за случајот Пуч.

Инаку, во врска со нив, Утрински наслови: „Преговорите во финална фаза - според партиски извори постигнат е минимален напредок во однос на спорната точка за организација на влада која треба да создаде услови за фер и демократски избори, или поточно, околу тоа дали и кога премиерот Груевски би требало да се повлече“. Нова Македонија, пак, излезе со ваков наслов: „Глумата да не го затскрива напредокот во преговорите - според аналитичарите, главната дилема е дали молкот е прикривање дека процесот е блокиран или, пак, знак дека се водат суштински разговори, но поради нивната чувствителност не протекуваат информации за нив“.

Инаку, пред најавите за судски процеси против Заев, продолжија јавните препукувања од страна на Груевски: На годишната конференција на својот подмладок, Груевски, како што објави Утрински, изјави дека „Заев прави сè за да нема избори“, на што, според истиот весник, „СДСМ возврати дека власта бега по секоја цена од слободни, фер и демократски извори“. Дневник, пак, во наслов го извади барањето на Груевски Заев да организирал предвремени избори за градоначалник во Струмица.

Глумата да не го затскрива напредокот во преговорите.

Само Утрински објави дека „Викторија Нуланд на 13 јули ќе престојува во Скопје - нејзината посета добива на актуелност поради барањата и очекувањата дека таа ќе се вклучи во разврската на политичката криза“.

Дали напливот на имигранти во земјава или финансиската криза во Грција ќе имаат поголеми последици за Македонија? Дневник, Вечер и Утрински објавија: „ОН и УНХЦР прогласија криза, подготвуваат шатори за Македонија“ и „Од југ бегалци, на север контроли“. „Македонските банки безбедни“, ја објави Утрински изјавата на гувернерот на Народна банка, Богов. Но, „Дел од фирмите го стопираа извозот во Грција“, објави исто така Утрински.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG