Достапни линкови

Слаби резултати во спроведувањето на стратегијата 2020


Илустрација.

Илустрација.

Македонија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора и Хрватска преку меѓусебна соработка до 2020 треба да го зголемат регионалниот бруто домашен производ од 38 на 46 проценти од просекот на Европската унија.

Македонија постигнува слаби резултати во спроведувањето на стратегијата Југоисточна Европа 2020, која пред помалку од две години ја усвоија владите на седум држави од регионот, оценуваат експертите. Земјите се согласија да се приближат кон стандардите на Европската унија и да обезбедат повисок животен стандард за граѓаните.

клучниот проблем не е само во бројките, туку во генералната економска политика којашто се води далеку од тие приоритети, далеку од политиките на ЕУ и од политичкото милје коешто не ветува дека може да даде добар резултат по сите овие прашања коишто ги покрива стратегијата.

Усвојувањето на стратегијата значеше дека Македонија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора и Хрватска преку меѓусебна соработка до 2020 ќе го зголемат регионалниот бруто домашен производ од 38 на 46 проценти од просекот на Европската унија.

Илустрација.

Илустрација.

Исто така да отворат над еден милион работни места за седум години, двојно да ја зголемат на трговијата и инвестициите и да воспостават образовен систем кој за 300 илјади би го зголемил бројот на високообразовани млади експерти. Имплементацијата на стратегијата треба да ја зголеми вработеноста од 39 на 44 отсто и да го покачи вкупниот регионален трговски промет од 94 на 210 милијарди евра.

Еден од индикаторите кој најмногу ме загрижува е дека после Косово ние покажуваме најслаби резултати во индикаторот на политичка стабилност. А, доколку нема политичка стабилност сите овие работи малтене паѓаат во вода.

„Според мене, клучниот проблем не е само во бројките, туку во генералната економска политика којашто се води далеку од тие приоритети, далеку од политиките на ЕУ и од политичкото милје коешто не ветува дека може да даде добар резултат по сите овие прашања коишто ги покрива стратегијата. Ние имаме направено и анализа колку политиките на Владата одат во насока на поддржување на овие индикатори и во програмата на Владата многу малку е тоа застапено. Исто така таа стратегија и политиките и програмата на Владата треба да бидат усогласени и со втората рамка за претпристапна помош ИПА 2. И тоа сè уште го немаме“, вели Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование.

Договорот на сите држави беше дека еден од главните инструменти за спроведување на стратегијата ќе биде инструментот ИПА 2, преку кој во следните седум години ќе бидат обезбедени 11,7 милијарди евра за исполнување на условите од стратегијата.

Секоја од земјите различно напредува во исполнувањето на предвидените услови и има индикатори кои покажуваат дека Македонија во одредени области стои подобро, а во други покажува послаби резултати, вели Калинка Габер од Институтот за социјална демократија „Прогрес“. Таа додава дека Македонија е најслаба според бројот на младинска невработеност и според приливот на странски инвестиции во споредба со другите земји.

„Еден од индикаторите кој најмногу ме загрижува е дека после Косово ние покажуваме најслаби резултати во индикаторот на политичка стабилност. А, доколку нема политичка стабилност сите овие работи малтене паѓаат во вода. Ниту економијата и бизнисот ќе можат да се развиваат нормално, ниту ќе можеме да зборуваме за квалитетни издвојувања во здравството и во образованието или, пак, за некаква транспарентност и отчетност на државните институции“, вели таа.

Габер посочува оти е добро што постои рамка за развој кон која се движи целиот Балкан, но сепак слаб е прогресот на земјите, а кај Македонија во одредени области се забележуваат дури и опаѓачки трендови.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG