Достапни линкови

Фотоизложбата „Кокино - мистичен шепот низ вечноста“ на пат по Македонија


„Кокино – мистичен шепот на вечноста“ е насловена изложбата на фотографии на Љупчо Илиевски, што овој четврток, на 2 јули, во 20 часот, ќе биде отворена во Изложбениот салон на НУ „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Станува збор за постановка која се состои од 26 дела селектирани од поголемата збирка од 50 фотографии на авторот која што го прошета светот и која од 22 овој месец ќе биде претставена и во рамките на проектот „Велес – град на културата“.

По цели шест години од изложбата одржана во Националната галерија на Македонија – Мултимедијален центар Мала станица и безмалку четири од обелоденувањето на фотомонографијата, по патешествијата низ европските галерии, „Кокино – мистичен шепот на вечноста“ на авторот Љупчо Илиевски се враќа дома. Дваесет и шест дела селектирани од поголемата збирка од 50 фотографии, во перидот од 2 до 15 јули, најнапред ќе бидат изложени во Изложбениот салон на НУ „Трајко Прокопиев“ во Куманово, за да потем, во третата декада од јули, истата постановка ја видат и велешани.

Медиумското внимание со кое на целиот тој пат беше следена „Кокино – мистичен шепот на вечноста“ покажа дека направивме изложба која нималку не е за еднократна употреба. Долг е рокот на нејзиното траење, веќе шест години, и што е уште поважно нималку не стивнува интересот за овие фотографии.

Во пресрет на овие постановки, Илиевски знае да каже дека него нималку не го чуди ваквиот след на настаните. Вели дека Кокино Македонија го откри откако фотографиите со врвни оценки беа објавени на порталот Мегалитик, а непосредно потоа и откако излезе репортажата во „Нешнл географик“. Истакнува дека дури тогаш луѓето започнале со други очи да ги гледаат и самите фотографии, но и неговата работа како фотограф, како уметник.

Дополнува дека дел од оваа изложба бил претставен во дури четири градови во Италија, потем следувала постановката во една од колевките на фотографијата во поранешна Југославија – во Словенија. Таму била претставена во Крањ, во музејот „Франце Прешерн“ кој располага со еден од најубавите изложбени простори во регионот, за да премине во Србија и биде поместена во репрезентативниот салон на домот на Ѓура Јакшиќ во Белград.

„Медиумското внимание со кое на целиот тој пат беше следена „Кокино – мистичен шепот на вечноста“ покажа дека направивме изложба која нималку не е за еднократна употреба. Долг е рокот на нејзиното траење, веќе шест години, и што е уште поважно нималку не стивнува интересот за овие фотографии.“

Јас никогаш не се откажувам од Кокино затоа што Кокино е исклучително моќно и едноставно привлекува. Не случајно е тоа така. Неговата убавина е повеќеслојна – има и археологија, има астрономија, има и некои необјаснив контакт со небеските тела и со небото над опсерваторијата.

Од друга страна, уметникот знае да каже дека не стивнува ниту неговата фасцинација со Кокино. Потенцира дека тој работи со свој тим и дека честопати се потребни долги временски периоди за да бидат реализирани, документирани одредени појави кои се во сферата на нивниот интерес.

„Јас никогаш не се откажувам од Кокино затоа што Кокино е исклучително моќно и едноставно привлекува. Не случајно е тоа така. Неговата убавина е повеќеслојна – има и археологија, има астрономија, има и некои необјаснив контакт со небеските тела и со небото над опсерваторијата. Постојано и упорно се обидувам да исконтактирам со Кокино и мислам дека таму сеуште можат да се направат, да се снимат добри фотографии. Со самото тоа што овој локалитет го работев цела една декада и од кој излезе една фотомонографија каде најважна од се е фотографијата, каде патем можат да се видат сите стилови на фотографија, од документарна па се до експериментална и интервенции во простор, сите тие нешта ми даваат за право дека ќе треба да додадам уште некоја снимка на тој серијал иако во мигов сум фокусиран на нешто сосема друго, нешто кое бара и поголемо внимание.“

Илиевски појаснува дека во меѓувреме се зафатил и со работа на два други големи, моќни проекти. Истакнува дека темите со кои тој вообичаено се занимава од почеток се навидум неинтересни, дека немаат некаков ексклузивитет...меѓутоа вели дека со текот на времето тие добиваат на значење. Ова го илустрира со Кокино, за кое што ќе рече дека го работел цели три години за да потоа излезе „оти според НАСА станува збор за четвртата мегалитска опсерваторија, не по старост, ами по значење“. Дополнува дека ист бил случајот и со 100-годишниот лустер во Офицерскиот дом во Скопје на кој му посветил цели 10 години „бидејќи тоа во некоја рака е и историја на Македонија и вистинска тема“, дека Преспа ја работел за „Нешнл географик“ три години за да освен репортажата биде отпечатен и календар со неговите фотографии што со Програмата на ОН за развој беше пласиран во 163 држави во светот.

„Во мигов сум опседнат со два нови проекта. Едниот е на еден локалитет во близината на Прилеп, на Селечка планина каде што има една исклучителна карпа која многу наликува на мома, меѓутоа истражувањата покажуваат дека тоа може да биде македонска богиња со три лика. Се работи за импозантна карпа, висока 88 метри и широка 25 метри. Нуди исклучителни можности за фотографија. Таму сум веќе трета година и при крај сум со снимањето, а паралелно со тоа работам и на еден од најпознатите белези на светот – крстот како симбол. Го фотографирам оној на врвот на Водно, но паралелно сум и на терен по селата низ Македонија каде што крстовите се одамна заборавени и од луѓето и од институциите. Тие се обраснати со бршлен и со дрва, а говорат многу за ова поднебје и за овој народ. “

Инаку, Љупчо Илиевски спаѓа во редот на најистакнатите македонски фотографи. Припадник е на средната генерација мајстори на занаетот која негува специфичен, уметнички стил и силен авторски печат. За себе вели дека не фотографира, туку дека пишува со светлината и тоа не на актуелни теми, туку во фокусот му се наизглед неважни нешта, кои ги обработува долг временски период и со голема посветеност. Присутен е и на повеќе филмски фестивали, а за својата работа повеќепати е наградуван. Неговиот потпис стои и под поштенските марки со тема - Теракотни икони и Кокино.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG