Достапни линкови

Преку училиштен спорт до успешни спортисти


Илустрација.

Илустрација.

Сè повеќе деца се приклучуваат на спортските екипи во своите училишта, а со тоа и бројот на екипи во сите спортови се зголемува.

Развојот на училишниот спорт може да биде добра основа за успешни генерации на македонски спортисти, сметаат инволвираните во спортот. Сè повеќе деца се приклучуваат на спортските екипи во своите училишта, а со тоа и бројот на екипи во сите спортови се зголемува. Во Охрид деновиве се одржува училиштен спортски камп кој годинава се случува по петти пат.

Верувам дека овие момци ќе произлезат пред сè здрави личности и сигурно дека тие ќе бидат идните спортисти кои ќе ја претставуваат државата, како на клупски така и на репрезентативен план.

Пепи Манасков, поранешен македонски ракометен репрезентативец, смета дека училишниот спорт е многу важна работа за секој спортист, бидејќи првите чекори во спортот тие ги прават во училишните средини.

„Верувам дека овие момци ќе произлезат пред сè здрави личности и сигурно дека тие ќе бидат идните спортисти кои ќе ја претставуваат државата, како на клупски така и на репрезентативен план.“

РСЕ: Во кој спорт имаме најмногу иднина?

„Па мислам дека ракометот е број еден во државата и самите резултати говорат за тоа, како на клупски така и репрезентативен план, и нон стоп се присутни на тие големи натпреварувања“, вели Манасков.

Очекуваме за неколку години тој процент на континуирано активни ученици во спортот да бидат некаде над 35 отсто. Споредбено со овие меѓународно поразвиени држави во овие сфери ние полека се приближуваме.

Тој посочува дека спортската инфраструктура во државата во моментот е добра и оти услови за развој на спортисти се создадени.

„Имаме во државата повеќе од 5000 деца, момчиња и девојчиња, кои се бават само со ракомет и мислам дека тоа за во иднина е одлично“, рече Манасков.

Покрај практичен дел, учесниците на училишниот спортски камп во Охрид имаат и теоретски предавања поврзани со штетноста од користење на допинг средства како и анти дискриминацијата.

Марјан Спасески, директор на Агенцијата за млади и спорт, вели дека државата инвестирала во спортската инфраструктура која треба да биде основа за постигнување на спортски резултати.

Годинава 35.000 ученици биле вклучени во училишните спортски игри, што било околу 15 отсто од вкупната училишна популација.

„На тој начин овозможуваме максимални услови нашата младина рекреативно, но и професионално да спортува и на тој начин преку масовност да обезбедиме квалитет во спортските натпревари. Веќе трета година го реализираме и проектот спортска академија со кој сакаме да ги стимулираме младите луѓе професионално да се занимаваат со спорт“, рече Спасески.

Александар Туфекчиески, претседател на Федерацијата на училишни спортови, вели дека е неопходно масовниот училиштен спорт во Македонија да се издигне на едно повисоко ниво.

„Очекуваме за неколку години тој процент на континуирано активни ученици во спортот да бидат некаде над 35 отсто. Споредбено со овие меѓународно поразвиени држави во овие сфери ние полека се приближуваме. Ние веруваме дека ова ќе даде и ќе исфрли едни стабилни таленти за во спортот да нема осцилации, една година имаме, па друга немаме“, вели Туфекчиески.

XS
SM
MD
LG