Достапни линкови

logo-print

Богов: Банкарскиот систем стабилен


Ситуацијата во банкарскиот сектор во Македонија е нормална. Банките, дури и оние во сопственост на доминатни грчки акционери, работат нормално и редовно и нема никаква причина за загриженост, изјави попладнево гувернерот на Народната банка Димитар Богов.

На прес-конференцијата свикана попладнево во Народната банка, Богов нагласи дека банкарскиот сектор во Македонија е отпорен на секаков шок што може да се случи поради ситуацијата во Грција. Тој потенцира дека нема повлекување на депозити и оти сите банки и банкомати во државата работат нормално.

Што се однесува до македонските граѓани кои во моментот летуваат во Грција, Богов рече дека тие можат да повлечат пари од банкоматите онолку колку што им е лимитот зададен од матичната банка. Според Богов, доколку банкарскиот сектор во Грција пропадне, тоа нема да се одрази врз домашниот банкарски сектор.

Народната банка на Република Македонија вчера објави дека презема неколку заштитни мерки со привремен карактер. Мерките се воведуваат со рок на траење најмногу од шест месеци, а се однесуваат на ограничување на капиталните одливи од резидентите на Република Македонија (физичките и правните лица) кон грчките субјекти врз основа на новосклучени капитални трансакции, но не и на ограничување на одливите врз основа на пристигнати плаќања за веќе склучени капитални трансакции.

XS
SM
MD
LG