Достапни линкови

Во Грција опозицијата со бурни негативни реакции за одлуката на Ципрас за референдум


Објавата на премиерот Алексис Ципрас за референдум на 5 ти јули ја осудија сите опозициски партии во Грција со бурни негативни реакции,а во текот на ноќта голем дел граѓани почнаа да формираат редови пред банкоматите на банките во Атина за да ги повлечат своите пари.

Ултрадесничарската Златна Зора е единствената опозициска партија која не ја осуди одлуката на Владата која Ципрас ја соопшти по полноќ.

ПАСОК и Нова демократија побараа Ципрас да си поднесе веднаш оставка и да се распишат избори, а со остра критика се јави и партијата Река. Првиот човек на Река, Ставрос Теодоракис ја осуди владата на Ципрас и Панос Каменос дека се обидува да ја извади државата од ЕУ и да ја турне во бездна, коментирајќи дека сите овие месеци преговори владата покажала дека е неспособна за достоинствен договор за развој и општествена правда. Нова демократија ги обвинува СИРИЗА и Независни Грци за тајна агенда и желба државата да излезе од ЕУ и Еврозоната, додека пак лидерот на ПАСОК Фофи Генимата отворено побара Ципрас да даде оставка.

На пладне е закажана итна седница во Парламентот ,заради ратификација на одлуката за референдум. Владата на чело со левичарската Сириза има доволно пратеничко мнозинство за референдумот да биде спроведен на дело.


XS
SM
MD
LG