Достапни линкови

Пленумите ја продолжуваат борбата за образованието


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Најпроблематични за пленумите се екстерното тестирање и казните и наградите за наставниците. Од Пленумите велат дека борбата за подобро образование продолжува, но се уште не донеле одлука кои ќе им бидат следните активности.

Од Средношколскиот и Наставничкиот пленум денеска реагираа на последните измени во Законот за основно и средно образование и најавија иницијатива до Уставниот суд за нивно оспорување. Измените пред две недели беа донесени од Собранието по скратена постапка. Најпроблематични за пленумите се екстерното тестирање и казните и наградите за наставниците.

Средношколскиот пленум цврсто ќе се бори за она за што се залага и за она што е колевката на секое општество, а тоа е образованието. Цврсто ќе застанеме зад наставниците и за нивната и нашата борба за подобро образование.
Александар Милески, Средношколски пленум.

Александар Милески од Средношколскиот пленум, вели дека со измените му се наштетува на целиот образовен процес и со казни и откази за наставниците ништо нема да се подобри.

„Средношколскиот пленум цврсто ќе се бори за она за што се залага и за она што е колевката на секое општество, а тоа е образованието. Цврсто ќе застанеме зад наставниците и за нивната и нашата борба за подобро образование. Образованието е процес, а не проект. Со донесување на законски решенија по скратена постапка или во три часот по полноќ по скратена постапка и далеку од очите на јавноста и без никаква дебата и јавна расправа со оние кои се најзасегнати, а тоа се учениците, наставниците и родителите не може да се стигне до подобро образование. Ние сакаме општество ан слободни луѓе, а тие сакаат збирштина на безрбетници“, вели Милески.

Јас мислам дека тие и така се смислени за да бидат реваншизам. Целта е постојано она што постојано го зборуваме да се убие сосема она што е дух во просветата и образованието.
Душко Стојановски, Наставнички пленум.

Од Наставничкиот пленум денеска во паркот на новинарите спротив МОН организираа дебата на тема „До каде стигна македонското образование“.

Владо Димовски од Наставничкиот пленум вели дека иницијатива за оспорување на казните и наградите за наставниците веќе е напишана и од денеска ќе собираат потписи за истата. Според Димовски, се уште не се знае како ќе започне новата учебна година и дали ќе продолжат со бојкот на наставата, бидејќи тоа зависи од случувањата во наредниот период.

„Во вакви услови во какви што е сега образованието мислам дека тешко ќе започне учебната година. Имаме искуство со оваа учебна година и со штрајкот кој започна на почетокот на второто полугодие. Можеби пленумите се одлучат да ја бојкотираат наставата се додека не бидат донесени нови измени во законите за основно и средно образование“, вели Димовски.

Душко Стојановски од Наставничкиот пленум вели дека казните всушност се со цел да може МОН да се справи со најгласните од нив кои се противеа на измените и состојбите во образовниот процес.

„Јас мислам дека тие и така се смислени за да бидат реваншизам. Целта е постојано она што постојано го зборуваме да се убие сосема она што е дух во просветата и образованието“, додава Стојановски.

Од Средношколскиот пленум порачуваат дека борбата за подобро образование продолжува и натаму, но се уште не донеле одлука кои ќе им бидат следните активности.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG