Достапни линкови

Ариф - Македонија да биде подготвена за мигрантска криза


Мохамад Ариф, претставник на УНХЦР во Скопје.
Мохамад Ариф, претставник на УНХЦР во Скопје.

Не велам дека ќе се случи, туку дека треба да бидеме подготвени, затоа што може да се случат работи што не можеме да си ги замислиме, вели претставникот на УНХЦР во Македонија, Мохамад Ариф, во интервју за Радио Слободна Европа.

Господине Ариф, има критики дека меѓународните организации не прават доволно да и помогнат на Македонија да се справи со проблемот со мигрантите. Што прави претставништвото на Високиот комесар за бегалци на ОН во Скопје во врска со оваа проблематика?

Ние како УНХЦР многу тесно соработуваме со владата. Ако владата побара помош од нас, не само сега, ние сме тука долго време, ние ќе обезбедиме помош колку што можеме. Нашата поддршка, кога зборуваме за новиот прилив на мигранти што се зголемува во последните неколку месеци, ние интервенираме преку Црвениот крст, со поддршка во областа на медицински тимови, лекари и медицински сестри, преку Црвениот крст даваме поддршка со мобилни медицински тимови и со основните потреби за храна, вода, хигиена, храна за бебиња и се разбира се обидуваме да ги зајакнеме капацитетите на владата и да видиме како може професионално и хумано да се справиме со ова прашање.

Дали владата побара помош од вас?

Владата формираше меѓуресорски комитет со министри од различни ресори, како и оперативен комитет. Тие се среќаваат за да утврдат што всушност им треба од меѓународната заедница. Завчера добивме барање да обезбедиме поддршка за основање на објект во Куманово што треба да биде центар за прием, идентификација и процесирање. Ние како УНХЦР, но и ОН генерално, ја уверивме владата дека сме тука за да обезбедиме поддршка. Владата сега треба да упати формално барање, во која област го планираат, каков објект планираат, што планираат да прават и кои се потешкотиите со кои се соочуваат од нивна гледна точка и треба формално да побараат помош во областите во кои им треба од ОН, од меѓународната заедница и од другите големи донори во земјата.

Господине Ариф, македонски невладини организации обвинија дека илјадници мигранти се заглавени во меѓуграничните појаси на Македонија со Грција и со Србија и дека не може да стигнат до нив да им однесат хуманитарна помош. Сте ги посетиле ли овие региони? Што се случува таму?

Лично бев во пограничната област со Грција. Ситуацијата таму навистина е застрашувачка и несигурна. Видов стотици луѓе од различни земји, најмногу Сиријци. Не видов сè, но видов големи групи и имаше волонтери од грчки невладини организации кои делеа храна, вода и овозможуваа медицинска помош. Не можам да потврдам дали може да стигнат до сите групи, но видов една голема група од 500-600 луѓе на кои волонтерите им пружаа помош. Во однос на границата со Србија, немам јасна слика колку луѓе има таму и сега планирам да ја посетам пограничната област. Во контакт сме со Црвениот крст и тие пружаат помош, но во овој момент не можам да потврдам дали и колку луѓе се заглавени во таа област. Знам дека мигрантите ја поминуваат границата надвор од официјалните гранични премини, некогаш имаат проблеми, ги враќаат од другата страна, па се обидуваат повторно и на крај успеваат, тоа се случува, но ќе одам да проверам дали има многу луѓе заглавени меѓу двете земји.

Србија, со помош од Унгарија и Австрија, ја зајакнува контролата на границата со Македонија. Има ли опасност мигрантите да останат заглавени во земјава?

Управувањето со границите е одговорност на владите и тие си имаат сопствени механизми и секоја држава има право да утврди како ќе ја чува границата, тоа е нивната работа. Нашиот став е дека тоа не треба да се прави по цена на прекршување на човековите права на одредени групи. Ако бегалци сакаат да влезат во земјата, не ја затвораш границата за нив, туку ги процесираш. Нашиот став е дека човековите права на тие што доаѓаат на вашата граница треба да бидат почитувани и не треба да се кршат затоа што има одредени меѓународни обврски за почитување на нивните права. Ако некој бега за да си го спаси животот и дојде на вашата граница, не ја затвораш границата, туку треба да видиш дали навистина е така, дали навистина има потреба од интервенција и дали треба да му се дозволи да влезе. Сите имаме обврска да пазиме да нема кршење на човековите права од ниедна држава. Управувањето и контролата на границите е одговорност на владите, но не треба да биде по цена на кршење на човековите права на одредени групи.

Има ли можност за мигрантска криза во Македонија ако бројот на мигранти продолжи рапидно да се зголемува во наредните недели и месеци.

Приливот на мигранти во земјава драматично се зголеми во последните неколку месеци. Според мене и од она што сме го разговарале со владата на различни нивоа, владата, во соработка со сите чинители, како ОН, донаторите, Меѓународната организација за миграции и граѓанското општество, треба да заземе став, да се координира во случај ситуацијата да се развива. Бројот е голем и го разбирам вашето прашање. Работите може да се случат, ние не знаеме дали луѓето ќе доаѓаат во голем број, но за да бидеме подготвени за секоја можност, треба да има план и колку што знам, владата работи на тоа преку меѓуресорскиот комитет, во кој се сите одговорни министри, како за внатрешни работи, социјална политика, локална самоуправа... Се очекува тие да подготват план во случај да се случи нешто од поголеми размери, вонредна состојба или на пример границите да бидат целосно затворени или со други ситуации со кои може да се соочи земјава. Според мене, тој комитет треба да работи на тоа во моментов. Прашувате дали има можност. Се разбира, во такви ситуации секогаш има таква можност, може да се случат работи што не можеме да си ги замислиме и може да бидеме фатени на сред голема криза или голем проблем. Затоа е важно владата и другите чинители од оваа област да бидат подготвени, да бидат подготвени за секоја можност, за секоја криза. Ако се случи да има план, план за поддршка, план за активности што треба да се преземат. Не велам дека ќе се случи, туку дека треба да бидеме подготвени ако се случи, затоа што може да се случат работи што не можеме да си ги замислиме. Се работи за човечки суштества, за животи, ќе има патење, тешкотии, ако владата не е подготвена во случај да дојде до таква ситуација.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG