Достапни линкови

Зошто власта ги игнорира критиките?


Архивска фотографија - Евроамбасадорот во Македонија Аиво Орав на премиерот Никола Груевски му врачува Извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ.

Архивска фотографија - Евроамбасадорот во Македонија Аиво Орав на премиерот Никола Груевски му врачува Извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ.

Најчесто игнорантскиот однос на македонската влада кон критиките или препораките од меѓународните организации е дело на малку инат и многу немање волја да се воспостави систем на владеење на правото во државата, сметаат експертите.

Извештајот на Фридом Хаус за хибридниот режим во Македонија и повторниот пад на демократијата, извештајот на Хјуман Рајтс Воч за прекумерната употреба на полициска сила на протестите на 5- ти мај, извештајот на европската експертска група предводена од Рајнхард Прибе за политичката криза и препораките, се само дел од последните нотирани забелешки кои не наидоа на соодветен одговор од власта.

Кај нас не ретко сме биле заложници на инаетите на нашите политичари кои навикнале која било тенденција за покажување на спремност за компромис, тоа од нив се гледало како покажување на слабост, а не како покажување на европски дух на водење на политика.

Неодамна и претседателот Ѓорѓе Иванов изјави дека забелешките за слободата на медиумите во извештајот на Фридом Хаус се само перцепција, која не е базирана на факти.

Игнорантскиот однос на институциите кон забелешките на меѓународниот фактор и невладините организации служи за внатрешна употреба, за партиски консолидации, поради покажување на монолитност, а не поради несвесност околу тежината на тие забелешки чија цела е адресирање на проблемите и подобрување на состојбите, вели аналитичарот Алберт Муслиу. Тој додава дека таквиот однос на власта се должи на долгорочната политика на инает.

„Кај нас не ретко сме биле заложници на инаетите на нашите политичари кои навикнале која било тенденција за покажување на спремност за компромис, тоа од нив се гледало како покажување на слабост, а не како покажување на европски дух на водење на политика и мислам дека ова е една од главните причини зошто кај нас се случуваат вакви работи“, вели Муслиу.

Кога имате систем којшто не функционира, кога имате неподеленост на државата и партијата, тогаш е јасно зошто не им се придавало значение ниту на извештаите на меѓународните организации, ниту на извештаите на невладиниот сектор во земјава.

Последица од таквата ситуација е продлабочување на проблемите за кои во изминативе години алармираат меѓународната заедница и домашните невладини организации. А кога ќе се продлабочуваат проблемите ние бараме помош за нивно решавање, затоа што нашите политичари не покажуваат спремност за компромис, а со тоа и недостиг на капацитет за решавање на истите, вели Муслиу. Според него, таквото однесување испраќа многу негативна порака.

„Создаваат перцепција во јавноста дека тоа нив не ги тангира, но од друга страна, тие влијаат и врз нашата меѓународна политика, и нашиот меѓународен имиџ и врз економијата и инвестициите. Нашата политичка елита покажала со децении наназад, а најизразено во последно време, дека дневната политика не ретко е многу побитна од долгорочните односи со нашите партнери и нашиот меѓународен углед“, вели Муслиу.

Директорката на Хелсиншки комитет за човекови права, Уранија Пировска, вели дека Македонија со години наназад не ги спроведува препораките од извештаите не само од меѓународните организации, туку и од домашните невладини организации. Таа посочува дека непочитувањето на препораките говори дека државата нема волја да воспостави систем кој што би се карактеризирал со владеење на право, па оттука и голем дел од состојбите со години наназад не бележат напредок.

„Ако ги земете извештаите, еве на пример ќе ги земам затворите, од Комитетот за заштита од тортура, ќе видите дека со години наназад се констатира иста состојба. А сега во последно време имаме и уште поголемо назадување на пример кога станува збор за состојбите од аспект на слободата на изразување и слободата на медиуми. “

Пировска вели дека пред да се случат опозициските „бомби“, Хелсиншки комитет честопати алармираше за институциите кои функционираат под диктат на владејачките партии, дека не постои легитимен изборен процес, дека масовно се кршат човековите права.

„Кога имате систем којшто не функционира, кога имате неподеленост на државата и партијата, тогаш е јасно зошто не им се придавало значение ниту на извештаите на меѓународните организации, ниту на извештаите на невладиниот сектор во земјава“, вели Пировска.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG