Достапни линкови

Попоски: Посетата на Коѕијас е мудар чекор


Спорот за името, мерките за градење доверба, како и унапредување на билатералните односи во повеќе области ќе бидат тема на утрешната средба во Скопје на шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Попоски и Никос Коѕијас.

„Темата за името е неизбежна кога се работи за Грција. Но, она што можеби е специфично во овие услови, се договоривме да имаме малку поинаков пристап. Многу сме далеку од решение за името, но тоа не би требало да не спречи во градење подобра, попозитивна клима помеѓу двете земји од која крајниот бенефит би го имале граѓаните. Останува пред нас да најдеме решение за главната причина за блокадата која ја имаме во евроатлантските интеграции“, изјави министерот Попоски.

Тој оцени дека посетата на Коѕијас, која е прва министерска посета од грчка страна по подолг период, е мудар чекор на грчката дипломатија и треба да се искористи за промовирање на она што е, вели, за нас најзначајно, а тоа е европската интеграција и стабилноста во регионот и она што им е ним значајно - билатералната соработка да се одвива во некакви нормални рамки.

Запрашан што очекува од претстојниот Самит на ЕУ на кој треба да се донесат заклучоци за Македонија, Попоски истакна дека политичката клима е таа која не доведе во фокусот на дискусии на Советот на унијата и оти смета дека тоа може да биде добра прилика за Македонија.

На прашањето дали Македонија се соочува со можност од губење на препораката за преговори со ЕУ, Попоски смета дека тоа не е главниот предизвик за Македонија.

Коѕијас утре ќе престојува во Македонија.

XS
SM
MD
LG