Достапни линкови

„Заспани убавици“ за почеток на Скопско лето


Со премиерата на современиот балет „Заспани убавици“, што кореографката Саша Ефтимова го работеше според романот на Јасунари Квабата, во недела, на 21 јуни, во 21 часот, на Светскиот ден на музиката, во Македонската опера и балет, официјално ќе биде отворено годинешното 36 издание на фестивалот „Скопско лето“ кое е планирано да понуди широка лепеза на одбрани програмски целини и овојпат ќе се одвива под мотото „Урбана уметност“.

Годинава традиционалната летна културна манифестација „Скопско лето“ официјално ќе започне со премиера на современ балет. Работен како копродукција на Дирекцијата за култура и уметност и Македонската опера и балет, „Заспани убавици“ како идеја и проект е всушност неколкугодишниот сон на кореографката Саша Ефтимова. Во него таа влегла имајќи ја на ум фантастичната и раскошна музика на Чајковски во класичното балетско дело „Заспана убавица“ која што повеќе од еден век преставува инспирација за неброени светски кореографи, но се чини и многу повеќе самата да даде едно ново видување, нов пристап кон приказната која, во нејзиниот случај, не е раскажана на традиционален начин.

Приказната во прв план ги поставува односите помеѓу младоста и староста, сексот, смртта, животот и сеќавањето. Сите овие аспекти придонесуваат кон развојот на еден жив ум.

Од таму, не случајно, Ефтимова решила својата поставка да ја темели на романот на јапонскиот писател „сензуалист“ и добитник на Нобеловата награда во 1968 година Јасунари Квабата - „Куќата на заспаните убавици“.

„Приказната во прв план ги поставува односите помеѓу младоста и староста, сексот, смртта, животот и сеќавањето. Сите овие аспекти придонесуваат кон развојот на еден жив ум. Кавабата ја потенцира способноста на човечкиот ум да фрли светлина на односот на поединецот со светот во кој егзистира. Размислувањата на ликовите за грешките во минатото најчесто се случуваат кога се наоѓаат на прагот на смртта. Тогаш колку очајно ја бараат таа невозможна шанса повторно да ја зграпчат младоста, дури само за миг, и да почувствуваат една почиста егзистенција.“

Таа дополнува дека приказната на „Заспани убавици“ поседува еден лиричен квалитет во кој наоѓаме прикриен реализам. Вели дека на површината, овие приказни лесно можат да бидат сместени во светот на фантазијата и сонот, елементи кои во одредена мера ги поседуваат, но контемплациите и филозофските размисли кои ги нудат се универзални, реалистички и безвремени.

Во суштина, ова е приказна за чистата желба. Куќата на Заспаната убавица е куќа на желбата; длабоката желба всушност е желба вистински да сте близок со некого, да се напојувате од нивната младост и убавина, патувајќи низ сеќавањата на вашиот живот, припомнувајќи се на вашата младост.

„Во суштина, ова е приказна за чистата желба. Куќата на Заспаната убавица е куќа на желбата; длабоката желба всушност е желба вистински да сте близок со некого, да се напојувате од нивната младост и убавина, патувајќи низ сеќавањата на вашиот живот, припомнувајќи се на вашата младост.“

Говорејќи за одбирот на музиката кореографката знае да каже дека во оригиналната претстава е моќната музика на Чајковски, но дека таа во нејзиниот случај се решила за еден поинаков, посложен пристап.

„Посегнав и по музиката на Вагнер, на Григ, Густав Малер, та дури и на Бах. И потоа доаѓа музиката на нашиот Милан Димушевски. Правам еден мал преклоп затоа што сепак се работи за една класична прикаска но малку модернизирана.“

Во „Заспани убавици“ на Ефтимова настапуваат Александра Мијалкова, Грузиецот Васил Чичијашвили , Наташа Јосифовска, Мими Поп Алексова-Атанасовска, Бобан Ковачевски, Марија Кичевска-Шокаровска и други. За нив таа вели дека се одлична екипа на здрави и зрели балерини и балетани кои што достоинствено можат да го играат проектот и да и ги дадат потребните техники и емоции кои претставата и таа самата како кореограф ги бара од нив.

Видео проекциите и филмот се дело на Предраг Милошевиќ, а костимите се дело на Александар Ношпал. Тој, како што објаснува Ефтимова, понудил прекрасни решенија симболично втурнувајќи се во светот на пеперутките и нивната трепетлива кратковечност.

По премиерната изведба, „Заспани убавици“ наесен ќе се најде и на редовниот репертоар на МОБ, а нејзините автори очекуваат со неа и бројни патувања во регионот и светот со верба дека имаат комплетен продукт кој достојно може да ја репрзентира македонската култура надвор од границите на нашава земја.

Кон ова само уште неколку појаснувања. Саша Ефтимова е балерина и реномиран македонски кореограф. Во последниве неколку години често работи надвор од земјава. Најпрво беше во Грузија како резидент кореограф, каде што соработуваше со познатата балерина Нина Ананијашвили, а потоа отпатува преку Атлантикот за да се едуцира и делува во Њујорк Кореографик Институт, кој е дел од Њујорк Сити Балет и Американ Балет Театар. Таму претстојуваше како еден од тројцата апликанти избрани на конкурсот распишан за балетските уметници од целиот свет.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG