Достапни линкови

logo-print

Со партиски вработувања до огромни долгови


Архивска фотографија. Илустрација.

Архивска фотографија. Илустрација.

Дел од јавните претпријатија повторно се меѓу најголемите должници за даноци, акцизи, царини и придонеси. Економистите велат дека партиските вработувања финансиски ги оптоваруваат.

УЈП на црната листа на најголеми должници повторно ги стави дел од јавните претпријатија во срамна позиција. Веќе неколкупати Македонија пат, Македонски шуми и јавниот сервис МРТВ се наоѓаат на оваа листа со долгови кои надминуваат неколку милиони евра. Главна причина за ваквата состојба на овие претпријатија економските експерти ја гледаат во лошото и неодговорно менаџирање на истите, особено ако се има предвид големиот број партиски вработувања, кои, како што велат, дополнително го оптовариле буџетот на компанијата.

Овие институции се дувло на партиски војници кои го сработуваат тоа што им се дава по наредба во делот на избори и како награда добиваат вработувања во овие јавни институции, било преку долгорочни договори или, пак, преку некакви консултантски договори на пократко време.

„Овие институции се дувло на партиски војници кои го сработуваат тоа што им се дава по наредба во делот на избори и како награда добиваат вработувања во овие јавни институции, било преку долгорочни договори или, пак, преку некакви консултантски договори на пократко време“, вели економскиот аналитичар Висар Адеми.

Со ова се согласува и професор Марија Зарезанкова-Потевска. Таа укажува на фактот дека во овие претпријатија недостига преземањето одговорност од страна на раководните лица, односно се троши повеќе од можностите.

Едно од решенијата е приватно-јавно партнерство, односно вклучување на приватниот сектор. Меѓутоа факт е дека никој не сака да влезе и да инвестира капитал во нешто за кое однапред знае дека е осудено на пропаст, односно нема да има никаква добивка.

„Треба да си ги пуштат нозете толку колку што им е долга чергата, но очигледно тоа не го прават, зашто сметаат дека се силни бидејќи позади нив стои државата којашто ќе се грижи и на некој начин на крај повторно ќе им ги покрие долговите или ќе им ги отпише“, вели Потевска.

Не е непознато дека во минатото дел од долговите на овие компании Владата им ги отпиша, но според експертите таквиот потег е неетички и неоправдан. Адеми смета дека состојбата може да се поправи само доколку тие претпријатија кои работат со загуба се трансформираат или, пак, ако со нив управуваат професионални менаџерски тимови.

„Нефункционалните компании не можеме да ги поштедиме со тоа што ќе им ги прикриеме нивните трошоци или долгови. Затоа државата треба да направи една трансформација на овие јавни компании или на нивна продажба или да ги продаваат на приватни инвеститори. Друга опција е да се ставаат функционални менаџерски тимови кои ќе го обврзуваат човечкиот капитал со компетенции и со вештини“, вели тој.

Она на што укажува Потевска е потребата од управување во интерес на ефикасно стопанисување кај ваквите компании.

„Едно од решенијата е приватно-јавно партнерство, односно вклучување на приватниот сектор. Меѓутоа факт е дека никој не сака да влезе и да инвестира капитал во нешто за кое однапред знае дека е осудено на пропаст, односно нема да има никаква добивка“, вели таа.

Покрај национални телевизии, јавни и комунални претпријатија на неодамна објавената листа на најголеми должници по основ на неплатени даноци, акцизи, царини и придонеси се наоѓаат и приватни фирми и илјадници граѓани. Од државните фирми предничат Македонија пат, со долг од околу 6,5 милиони евра, Македонски шуми со 5 милиони евра и Македонската радиодифузија – близу половина милион евра. Јавниот сервис е најголем должник кај медиумите. Долгот на МРТ изнесува еден милион 673 илјади евра.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG