Достапни линкови

logo-print

Путин не е загрижен од тешкото оружје на НАТО


Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека не е посебно загрижен од можното распоредување на тешко оружје и дополнителен број војници на НАТО во источна Европа. „Секако, се ќе анализираме и тоа внимателно. Досега не гледаме дека тоа би не натерало да сме посебно загрижени“, рече Путин.

Претседателот Путин по средбата со претседателот на Финска Саули Ниинисто додаде дека Русија единствено е загрижена за сопствената одбрана. „НАТО доаѓа на нашите граници, ние не одиме никаде“, рече Путин, додавајќи:

„Ако некој претставува опасност за некој дел од нашата територија тоа значи дека ние ќе мора да ги пренасочиме нашите оружени сили и нашата модерна воена моќ врз тие територии од каде што доаѓа заканата. Што друго да правиме?“.

Путин забележа дека Русија била најмногу загрижена за долгорочниот НАТО проект за изградба на ракетен одбранбен систем во Европа.

Претходно тој објави дека Русија до крајот на годинава ќе го зголеми нуклеарниот арсенал за дополнителни 40 интерконтинентални ракети.

Путин додаде дека во исто време ќе биде готова и нова нуклеарна подморница.

Ако некој претставува опасност за некој дел од нашата територија тоа значи дека ние ќе мора да ги пренасочиме нашите оружени сили и нашата модерна воена моќ врз тие територии од каде што доаѓа заканата. Што друго да правиме?

Ова предизвика многу реакции на Западот.

„Мислам дека никој не сака да се врати во Студената војна“, оцени американскиот државен секретар Џон Кери, додавајќи:

„Секако дека тоа ме загрижува. Ние се обидуваме да се движиме во спротивна насока. Го имаме договорот СТАРТ, имавме огромна соработка од деведесетите години на минатиот век особено во намалувањето на нуклеарното оружје на териториите на поранешните советски републики. Сега никој не сака да види дека одиме наназад“, рече Кери.

На најавата на Путин за зголемување на рускиот нуклеарен арсенал реагираше и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенбергкој ја оцени за опасна, неоправдана и вознемирувачка.

Односите меѓу Русија и Западот се на најниско ниво од почетокот на кризата во Украина.

Западот ја обвинува Москва дека ги вооружува проруските бунтовници во источниот дел на Украина, што Русија постојано го демантира.

Најавата на Путин дојде по информациите дека Соединетите држави се подготвувале да разместат тешко оружје и околу 5 илјади војници во европските земји кои граничат со Русија.

Во меѓувреме, командантот на американските сили во Европа генерал полковник Фредерик Хоџис за руската новинска агенција ТАСС изјави дека се уште немало никаква одлука за разместување тешко оружје и опрема надвор од Германија во Полска или во другите источноевропски земји.

Според него, евентуалното такво разместување нема да претставува кршење на мировниот договор меѓу Вашингтон и Москва потпишан во 1997 година, бидејќи со него се дозволува разместување сили кои не се многу големи и значителни.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG