Достапни линкови

Скопје и Приштина подготвени за ризиците од тероризам


Гошинце.

Гошинце.

Македонската и косовската полиција велат дека соработуваат регионално и оти внимателно следат што се случува, но дека во моментот не постои висок ризик од тероризам.

По информациите во приштинските медиуми дека личности блиски до албанскиот лидер на ИСИС, Лавдрим Мухаџери наредиле да се извршат терористички напади во Скопје и во Приштина, од македонската полиција велат дека ги следат сите информации и оперативни сознанија кои ја засегаат безбедноста на државата. Уверуваат дека се подготвени да реагираат во секој момент доколку тоа е неопходно.

МВР ја зголеми готовноста уште пред десеттина дена, откако до нас по оперативен пат пристигнаа информации за можни ризици, односно опасност од одмазнички акции поврзани со акцијата во Куманово.

„МВР ја зголеми готовноста уште пред десеттина дена, откако до нас по оперативен пат пристигнаа информации за можни ризици, односно опасност од одмазнички акции поврзани со акцијата во Куманово. Дадени се точни препораки и насоки како за зголемување на безбедноста на објектите на Министерството, но предложени се мерки за зголемување на нивото на лична безбеност на припадниците на полицијата“, изјави Иво Котевски од МВР.

Котевски вели дека полицијата континуирано соработува со блиските служби од регионот и пошироко, кои се однесуваат на безбедносни ризици и закани од секаков вид. Тврди дека соработката со косовската полиција е на задоволително ниво.

Во овој поглед, косовската полиција има многу тесна соработка со другите безбедносни институции во земјата, вклучувајќи ги и релевантните меѓународни институции во земјата, во регионот и пошироко.

„Од наша страна отсекогаш соработката и желбата за соработка била искрена, отсекогаш навремено сме ги споделувале сите информации кои сме ги имале и ја засегале регионалната безбедност“, вели Котевски.

И од косовската полиција велат дека внимателно ги следат сите активности на физички и правни лица за кои добиваат информации дека би можеле да претставуваат закана за уставниот поредок, вклучувајќи ги и актите на тероризам и религиозен екстремизам. На нашето прашање дали преземаат засилени безбедносни мерки по информациите за можни терористички активности, од таму одговараат дека во моментот не постои висок ризик од тероризам.

„Косовската полиција има доволен капацитет за да спречи и да се бори против сите форми на криминал или кривично дело што не е во согласност со законот, вклучително и безбедноста во граничниот појас и на аеродромот. Во овој поглед, косовската полиција има многу тесна соработка со другите безбедносни институции во земјата, вклучувајќи ги и релевантните меѓународни институции во земјата, во регионот и пошироко,“ се вели во одговорот на косовското министерство за внатрешни работи.

По информациите во некои медиуми дека се зголемени безбедносните мерки во македонските касарни, со демант се јави и Министерството за одбрана, од каде соопштија дека се шпекулации информациите оти Министерството за одбрана функционира во одредена специјална состојба и дека се претресуваат вработени на влезот.

„Влезот и излезот во министерството и во Генералштабот е регулиран со посебен правилник, а истото опфаќа мерки и активности на засилена контрола, но во моментов таа контрола не отстапува од нормалната воспоставена процедура“, велат од ресорното министерство.

Во период кога има наплив на мигранти кои влегуваат во земјава и се обидуваат да стигнат до некоја друга дестинација, упатените предупредуваат на ризикот од безбедносни импликации.

„Нашите служби многу несериозно го сфаќаат овој проблем. Никој не гарантира дека меѓу овие групации, нема уфрлено или не се наоѓа некој веќе обучен терорист или агенти спијачи како што се нарекуваат. Во дадена ситуација тие можат да бидат активирани, затоа што овие лица кога минуваат низ Македонија се без лични документи и може тешко да се провери нивниот идентитет“, вели универзитетскиот професор и поранешен разузанвач Владимир Пивоваров.

Неодамна џихадисти од регионот во Сирија преку видеоснимка повикаа на напади на во Косово, Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора. Во видеото насловен како „Чест е да си во џихад, порака до Балканот“, во издание на пропагандниот центар основан за пораките на исламистите, се повикуваат муслиманите од Балканот да се придружат или да почнат напади на овој простор.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG