Достапни линкови

logo-print

Филхармонија со „Бродвеј под ѕвездите“ во Градски парк


„Бродвеј под ѕвездите“ е насловено осмото издание на веќе традиционалниот мултимедијален спектакл „Види музика, слушни слика, добиј книга“, што ќе се одржи на овој четврток, на 18 јуни, во 21 часот во Градскиот парк во Скопје. Со Македонската филхармонија ќе диригира маестро Борјан Цанев, инспирирани од музиката ќе творат уметниците Милан Андов и Стојан Ѓуриќ, а на присутните ќе им бидат поделени и 20.000 примероци од книгата „Фигури“ од чешкиот новинар, писател и поет Јан Неруда.

Македонската филхармонија и Младинскиот културен центар, како идејни творци и носители на проектот и годинава се погрижија со традиционалниот мултимедијален проект „Види музика, слушни слика, добиј книга“ да го предизвикаат вниманието на Скопје. Да ги натераат граѓаните од градот на „барокот и неокласицизмот“, спомениците и бистите, тарабите и шаторите, турбо-политичките замешателства и интриги... да го сторат своето, мало, сосема обично, човечко бегство од тмурното секојдневие. И, тоа без одлагања. Овде и сега. Овој четврток, на 18 јуни, во 21 часот, во Градски парк. Таму каде што царува мирисот на липите.

Да заборавиме на неубавите работи, да мислиме на уметноста, на музиката и на тој начин со позитивни мисли да ја дочекаме иднината.

Борјан Цанев, диригент.

Борјан Цанев, диригент.

А, „Бродвеј под ѕвездите“ е насловено осмото издание на веќе традиционалниот мултимедијален спектакл кое овојпат е планирано да ги донесе вокалните и инструменталоните хитови од најпознатите филмувани мјузикли, како „Валкан танц“, „Телохранител“, „Чикаго“, „Волшебникот од Оз“, „Кралот и Јас“, „Ох, Кеј“, „Мала ноќна музика“, композиции кои одамна се сметаат за џез-стандарди на големите музички мајстори како Гершвин, Роџерс, Арлен, Хамерстајн или Сандхајм. Згора на тоа, публиката ќе има можност да ги слушне и увертирите „Кандид“ на Бернштајн и „Смешно лице“ на Гершвин, теми од големиот Дјук Еленгтон како и еден симпатичен сплет од најпознатите хитови на легендарната шведска поп група „АББА“.

Македонската филхармонија веќе подолго време со успех се справува и со овој тип на концерти малку оддалечена од класичната музика.

Македонската филхармонија ќе настапи под диригентство на маестро Борјан Цанев, додека солист на концертот е популарната вокалистка Сара Костадиновска која пошироката публика ја познава по нејзинотот алтер-его Сара Мејс.

„Македонската филхармонија веќе подолго време со успех се справува и со овој тип на концерти малку оддалечена од класичната музика. Но, сепак овде идејата е друго – во топлите летни денови на луѓето да им пружиме една навистина пријатна атмосфера. Да воспоставиме убава комуникација со нив и на крајот на краиштата, нашето чувство е прекрасно кога ќе се исполни целиот Парк. Кога има толку многу посетители разбирливо и нашата мотивација е многу поголема. Ветувам добра забава и се надевам дека барем во тие два часа, со кои патем планираме да и го окупираме вниманието на публиката, народот малку ќе се обедини околу музиката и заедно да побегнеме од ова сивило кое што не опкружува во последно време. Да заборавиме на неубавите работи, да мислиме на уметноста, на музиката и на тој начин со позитивни мисли да ја дочекаме иднината“, вели Цанев, диригент со меѓународна репутација и уметник кој неколкупати досега раководел со Македонската филхармонија во рамките на проектот „Види музика, слушни слика, добиј книга“.

Во дослух со традицијата, и годинава, на огромните платна поставени покрај сцената, инспирацијата од музиката во своите дела ќе ја преточат двајца ликовни творци – сликарите Стојан Ѓуриќ и Милан Андов.

Конечно, на овој несекојдневен и популарен културен настан , следејќи ја првичната замисла на организаторите, планирано е да бидат поделени и 20 илјади примероци од книгата „Фигури“ од новинарот, писател и поет Јан Неруда, еден од најистакнатите ликови во литературните кругови во Чешка во втората половина на 19-от век.

Со овој мултимедијаленнастан „Види музика, слушни слика, добиј книга“, Македонската филхармонија ја завршува концертната сезона 2014-2015 во Скопје. Почетокот на новата концертна сезона се најавува за 1-ви Октомври.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG