Достапни линкови

Нови политички играчи за разбивање монотонија


Црно- белата конкуренција е бледа и треба да се промени. Според аналитичари, потребни се нови партии, но и добри програми што ќе ги натераат луѓето да гласаат.

Владимир Лазаревик од „Има иднина“ наведе дека за Македонија е посебно важно да има нов политички субјект кој ќе ја разбие монотонијата на политичката сцена. Тоа ќе им овозможи на граѓаните да имаат нова партија која ќе внесе вистинска свежина во политичката мисла, изјави Лазаревик.

Ние сме во подготовка на два основни фронта, на домашна база кај што се зголмува бројот на подржувачи и членови кои бараат од нас да формираме партија и меѓународна засилена активносот преку контакти директни со меѓународни посредници, со цел да ја актуелизираме потребата од нов политички субјект.
Владимир Лазаревик, „Има иднина“.

„Ние сме во подготовка на два основни фронта, на домашна база кај што се зголмува бројот на подржувачи и членови кои бараат од нас да формираме партија и меѓународна засилена активносот преку контакти директни со меѓународни посредници, со цел да ја актуелизираме потребата од нов политички субјект“, вели Лазаревик.

Според најавите на Лазаревик движењето „Има иднина“ ќе се регистрира во партија во септември. И Националната демократска преродба и Движењето за реформи на ДПА, на Зијадин Села, официјално објавија договор за заедничко политичко дејствување и настап на парламентарни избори.

Политичкиот аналитичар Соња Стојадиновиќ, изјави дека политичките субјекти кои имаат намера сериозно и вистински да учествуваат на изборите за да имаат успех треба уште сега да создадат партии и од есен да се регистрираат и да почнат да ги прикажуваат своите програми и агенди на сцената. Стојадиновиќ смета дека тоа е добро, наведувајќи дека се потребни нови партии и во македонскиот и во албанскиот политички блок.

Потребни се партии кои ќе ги заменат, на некој начин, моменталните што постојат и кои ќе имаат и еден наднационален предзнак.
Соња Стојадиновиќ, политички аналитичар.

„Потребни се партии кои ќе ги заменат, на некој начин, моменталните што постојат и кои ќе имаат и еден наднационален предзнак, затоа што доволен проблем е и доволно е што сѐ направија партии со наднационален предзнак и во двата блока“, вели Стојадиновиќ.

За професор Назми Малиќи новите партии на политичката сцена се шанса да се збогати опозициската понуда во албанскиот политички блок, но и колоритот на политичката сцена генерално нагласувајќи дека црно- белата конкуренција е бледа. Според него, освен нови партии потребни се и добри програми што ќе ги натера луѓето да излезат и да гласаат.

„Во шестата изборна единица на последните избори многу малку луѓе излегле. Повеќе од половина, 55 отсто биле во апатична состојба, значи ако им се нудат алтернативи кои ќе значат нови проекти и програми тоа е добро“, вели професор Малиќи.

Тој смета дека постојните партии, како и новите партии ако сакаат да имаат успех треба да се подготват за фомирање меѓуетнички коалиции пред избори, наведувајќи дека луѓето сѐ повеќе имаат чувство дека партиите ги манипулираат токму преку меѓуетничките теми.

Стојадиновиќ смета дека големите партии ја монопиолизирале политичката сцена, но се надева дека можеби излезот ќе биде во новите партии.

„Ако слободните мислители од двете македонски партии кои не беа задоволни во своите партии не успеат да ги реализираат своите интереси, може да очекуваме еден вид гравитирање од тие две партии, а и од страна на Албанците, особено од редовите на ДУИ“, вели Стојадиновиќ.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG