Достапни линкови

Време е за сексуално и репродуктивно здравје


Марија Матовска, проект координатор во ХЕРА.

Марија Матовска, проект координатор во ХЕРА.

Општеството кое го посакувам во иднина би било општество во кое младите ќе имаа сексуално образование, во кое сите млади, на училиште, ќе бидат информирани за заштита на здравјето, за врските и љубовта, пишува Марија Матовска, проект координатор во ХЕРА, во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Пред некој ден седнав во едно од дебармаалските кафеанчиња на ручек, некоја пијачка и муабет. Во друштвото кое беше со мене се најде и еден странец. Ние локалците, по стариот добар обичај, веднаш се зафативме со објаснување на политичката ситуација, граѓанските движења и нивниот придонес кон сето ова што се случува. Она што најмногу ми остави впечаток беа зборовите на другарка ми дека ние сега и тука пишуваме историја и дека за прв пат во животот, вистински може да влијаеме на изгледот на нашата иднина.

Општество во кое ќе бидат повеќе почитувани правата на девојките и жените. Каде нема да биде потребно да се прават кампањи за значењето и вредноста на имањето многудетни семејства, туку државата навистина ќе обезбеди соодветни услови за младите да можат сами да донесат одлука за раѓањето деца и основањето семејство.

Одејќи накај дома размислував за нејзините зборови и сфатив дека навистина е во право. Сепак, во вакви бурни политички времиња, можеби забораваме на некои работи кои се од исклучителна важност за младите, па и не само за младите, туку и за сите граѓани и граѓанки на нашево општество. Кога го пишувам ова, пред сè мислам на целокупниот концепт на сексуалното и репродуктивно здравје, кој што не смееме да дозволиме да биде запоставен во иднина.

Општеството кое го посакувам во иднина би изгледала некако вака:

-Општество во кое ќе бидат повеќе почитувани правата на девојките и жените. Каде нема да биде потребно да се прават кампањи за значењето и вредноста на имањето многудетни семејства, туку државата навистина ќе обезбеди соодветни услови за младите да можат сами да донесат одлука за раѓањето деца и основањето семејство. Во овој контекст, тоа би подразбирало справување со невработеноста, подобрување на здравствената и социјалната заштита и слично. Би значело и дека работодавците на интервјуата за работа нема повеќе да ги поставуваат фамозните прашања врзани со плановите на жените за имањето или немањето деца, стапувањето во брак, имањето или немањето партнер, должината на врската... Би значело и достапност до модерна контрацепција, посебно до оралната (имајќи го во предвид фактот дека само околу 5,6 проценти од девојките кај нас го користат ваквиот метод за планирање на бременоста). Девојките и жените би биле ослободени од штетните и рестриктивни закони и практики, на пример како Законот за прекин на бременоста. Поминаа две години од носењето на ваквиот штетен закон , кој не вроди со никаков плод, освен со зголемен страв и кај жените и кај професионалците и поголеми закани по здравјето на жената. Законот заедно со континуираната кампања допринесе и до менување на ставовите кај младите и креирање на една нетолку толерантна средина кога станува збор за прекин на бременоста.

Општество каде младите ќе имаа сексуално образование, во кое сите млади, на училиште, ќе бидат информирани за заштита на здравјето, за врските и љубовта.

-Општество каде насилството нема да биде присутно во (скоро) сите сфери на живеењето. Случаите на родово и семејно насилство ќе бидат сведени на минимум. Во моето идеално општество, ќе биде изграден систем кој ќе понуди поддршка на национално нив на сите жртви. Во училиштата нема да постои сексуално вознемирување, малтретирање и хомофобичен булинг. Дури и да се јават ваквите појави, самите вработени ќе знаат како да се справат со истите и ќе може благовремено да интервенираат.

-Општество каде младите ќе имаа сексуално образование, во кое сите млади, на училиште, ќе бидат информирани за заштита на здравјето, за врските и љубовта. Образование во кое младите ќе учат како се мести кондом, ќе знаат зошто е важна родовата еднаквост, ќе знаат кога и каде да се обратат за помош. Образование кое ќе помогне да изградиме едно потолерантно општество, во кое насилството нема да биде „нормален“ на чин на однесување на младите, во кое луѓето со различна сексуална ориентација, родов идентитет, лицата кои живеат со ХИВ, лицата со попреченост... нема да бидат стигматизирани и табуизирани. Општеството кое ќе ги прифаќа различностите во целост, ќе го согледува нивното неопходно постоење и нивната важност за градење на светот како едно поубаво место за живеење. Општество во кое луѓето нема да шепотат или да се шегуваат од срам кога ќе се спомене зборот секс.

За идеалното општество би имала да напишам уште многу работи, но би запрела тука. Би ги замолила сите кои ќе го прочитаат овој текст (кој можеби изгледа многу идеалистички) да размислат длабоко во себе и да ми помогнат мене и на сите кои ги делат овие вредности, во градењето на идеалниот свет. Знам дека е потребно многу, но чекор, по чекор со сплотеност и солидарност верувам дека ќе успееме. Заедно сме посилни!

XS
SM
MD
LG