Достапни линкови

logo-print

„Беса“ најавува мирен антивладин протест


Архивска фотографија - протест за случајот „Монструм“.

Архивска фотографија - протест за случајот „Монструм“.

Утрешниот марш на „Беса“ засега го поддржале околу педесеттина невладини организации и три помали албански партии, но поради моноетничноста, дел од невладните ќе го бојкотираат. „Беса“ бара оставка на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, целосно расветлување на случаите „Монструм“,„ Сопот“, „Куманово“.

Празник за сите граѓани во земјава, мирен, достоинствен и масовен. Вакви се очекувањата на албанското движењето „Беса“ за утрешниот антивладин протест кој ќе се одржи на нивна иницијатива и организација. Претседателот на ова движење, Африм Гаши, вели дека утрешниот марш засега го поддржале околу педесеттина невладини организации и три помали албански партии.

Секој граѓанин на овој протестен марш е добредојден, само треба да ги почитува нашите правила на организација на протестот. Ние сметаме дека овој начин на организација е најдобар и секој кој ќе го почитува тој куќен ред е добредојден.

„Сите треба да сфатиме дека албанскиот глас во оваа држава треба добро да биде слушнат. Со тоа што Ние имаме политички претставници како ДУИ и ДПА кои се под целосна контрола на Никола Груевски, ние воопшто немаме албански глас во земјата. Дали некој смета дека со тоа што на овој начин некој ќе ги изигра Алобанците може да има стабилна држава?“, вели Гаши.

Гаши уверува дека нивниот протестен марш е за доброто на сите и не гледа ништо лошо во повикот тој да биде моноетнички. Сепак додава дека не е исклучена можност кон маршот да се приклучи секој граѓанин кој се согласува со нивните барања, без разлика на тоа од која етничка припадност е.

„Секој граѓанин на овој протестен марш е добредојден, само треба да ги почитува нашите правила на организација на протестот. Ние сметаме дека овој начин на организација е најдобар и секој кој ќе го почитува тој куќен ред е добредојден. Сите оние кои сметаат дека и Албанците се важен фактор во земјава, сите се добредојдени. Само некои луѓе кои не знаат да ги артикулираат албанските интереси во државата, само тие може да сметаат дека овој протест, затоа што е моноетнички би бил несериозен“, изјави Гаши.

Како граѓанин ми е прилично непријатно кога која било етничка група настапува со такви барања.

Оставка на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, целосно расветлување на случаите „Монструм“,„ Сопот“, „Куманово“ и нов договор за земјава како заедничка консензуална држава на Македонците и Албанците се дел од барањата на Беса на утрешниот протестен марш. Но, за граѓанското движење „Протестирам“ дел од барањата на „Беса“ се националистички, а моноетничкиот карактер на протестот праќа лоша порака.

Протест на 17 Мај.

Протест на 17 Мај.

„Како граѓанин ми е прилично непријатно кога која било етничка група настапува со такви барања. Едноставно живееме во општество во коешто сите сме под удар, основните граѓански права ни се загрозени и мислам дека треба заедно да се бориме за заедничките работи, а не за овие барања. Тие се и нерелевантни, воопшто нема социјални барања, барања за економско-социјалната правда и слично, туку има само за некакви репрезентации на етничкото, кое мислам дека веќе во Македонија е надминато, вели Јордан Шишовски од „Протестирам“.

Од ова движење во кое членуваат припадници на различни етникуми не ја исклучуваат можноста некој да се приклучи на утрешниот протест.

И од невладината „Цивил“ сметаат дека организирањето моноетнички протести во овие денови е несоодветно.

„Во време на меѓуетничка обединетост невидена во последниве децении, „Беса“ донесува несериозна политичка одлука за собирање на Албанците да искажат револт против режимот на Груевски и Ахмети“, се вели во нивното соопштение до јавноста.

Инаку движењето Беса е познато и по тоа што ги повика Албанците да не го поддржат големиот протестен собир на 17 Мај годинава, организиран од повеќе од 80 граѓански асоцијации и политички партии, но Албанците ги игнорираа таквите повици и во голем број го поддржаа тогашниот протест.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG