Достапни линкови

Сите неделници за политичката криза


Фокус пишува дека Груевски може, но Македонија не смее да пропадне, Република смета дека „соросоидите“ имаат силен порив за преземање на кормилото на бродот Македонија, а Глобус дека земјава е на распаќе меѓу граѓанско општество и диктатура.

Фокус - Груевски може, Македонија не смее да пропадне!

Дали ќе можат Американците да ги заборават и запостават заедничките вредности за кои сме се определиле во Декларацијата за стратешко партнерство и соработка од 2008 меѓу САД и Македонија?

„Груевски може, Македонија не смее да пропадне!“, е насловена една колумна во најновиот Фокус, кој инаку обработува повеќе теми поврзани со пропаднатите преговори во Брисел, со настаните во Куманово, со актуелната политичка криза. Авторот на текстот, покрај другото, прашува дали ќе можат Американците да ги заборават и запостават заедничките вредности за кои сме се определиле во Декларацијата за стратешко партнерство и соработка од 2008 меѓу САД и Македонија? Потоа, дали ќе им биде сеедно на ЕУ, Германија, Италија, Франција и Велика Британија и на други европски земји што се случува со критериумите од Копенхаген и европските вредности во Македонија? Па потоа, дали ќе дозволат кај нас да владеат автократите и клептократите? Авторот заклучува дека поради недемократското и автократско практикување на власта, главниот проблем е Груевски. Тој не може и не смее да биде дел од решението! - извикува на крај авторот на колумната во Фокус.

Соросоидите имаат силен порив за преземање на кормилото на бродот Македонија на кој очигледно немаат намера да му дозволат да вплови во мирни води.

Република - Македонските интеграции се циркуски акробации

Уводничарот во Република смета дека македонските интеграции се „циркуски акробации“. Имено, тој во уводникот прави преглед на случувањата пред денот „Д“, како што го нарекува денот на средбата на Хан со македонските партиски лидери во Брисел напаѓајќи ги, цитирам, „соросовите медиуми и аналитичари“ заедно со Зоран Заев и СДСМ дека покажале недостиг од политички капацитет за одговорно и конструктивно дејствување во интерес на граѓаните. Република смета дека „соросоидите имаат силен порив за преземање на кормилото на бродот Македонија“ на кој очигледно немале намера да му дозволат да вплови во мирни води.

Глобус – На распаќе меѓу граѓанско општество и диктатура

Македонија е на распаќе, заклучува колумнистот во Глобус, кој, покрај другото, пишува дека Груевски не смее да биде во состав на транзиционата влада која треба да подготви фер и демократски избори. И Заев, според колумнистот, не треба да биде дел од преодната влада, затоа што „диктатурата и ненародната власт можат да се уриваат со 'бомби', но со нив не се влегува во власта. Македонија е на распаќе. Помеѓу граѓанско општество и диктатура, пишува Глобус, додавајќи дека ЕУ и САД, кои со премолчување и попустливост, од Груевски направија диктатор, имаат обврска да им помогнат на граѓаните на Македонија да ја урнат диктатурата.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG