Достапни линкови

logo-print

Малески - Европа ѝ дава предност на стабилноста пред демократијата


Автократскиот режим на овој начин си ја предизвикува судбината, меѓутоа тој систем исто така не може да се разруши преку ноќ и ако тој им гарантира на надворешните партнери стабилност и ред, веројатно тие ќе се обидат да го сочуваат тоа, вели универзитетскиот професор Денко Малески во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Професоре Малески, разговорите во Брисел завршија без договор. Какви се вашите очекувања? Што ќе се случува сега со нив?

Не можеше многу да се очекува од овие разговори, мислам дека беше многу наивно да се смета дека во 24 часа ќе се разреши едно многу сериозно прашање. Претседателот Глигоров имаше обичај да каже – Македонија е сложена формула. И навистина ние сме сложена формула. Во оваа расправа сега, она што нам ни беше непознаница беше како ќе се однесува меѓународниот фактор, на која страна ќе ја стави тежината. Она што го видовме таму е дека од една страна беше претставникот на опозицијата, а од друга страна претставникот на владејачката партија и на двете албански партии. Очекувањата Запад да застане на страната на слободата не се остварија. Имено, како луѓе кои се раководени од државната причина, нивната основна задача е како да се сочува стабилноста, така што меѓу слободата и редот, тие очигледно секогаш одат кон редот, што е и за разбирање. Се разбира, ништо не е изгубено, чекорите кон слободата кои ги прави цел еден народ, за разлика од поединци коишто не можат да се просветлат себе си и навистина да исчекорат далеку пред сопствениот народ, народот прави спори чекори кон слободата и оттаму не треба да се смета дека ова што се случува во Македонија е некаква изгубена битка, доволно е општеството малку да се помести. Сега преговорите ќе продолжат, во зависност од позицијата на двете страни ќе се ориентираат и надворешните фактори кои се многу важни во оваа ситуација. Оти ако имате на една страна автократска власт, чиј претставник вели – Јас останувам, па макар би ја повлекол целата земја во хаос, тогаш тие на тоа се повлекуваат, бидејќи апетитот за директна интервенција во нашите внатрешни работи нема. Оттаму, сега треба да се види како ќе чекорат слободата и редот, дали ќе можат заедно да се движат, тогаш најверојатно и ќе ја имаме надворешната поддршка.

Западот е уверен дека редот за којшто зборувате може да се одржи само со Груевски?

Оваа структура е градена девет години, таа делува многу цврсто, очигледно и во персонална смисла и како една идеологија итн. Проблемот е во тоа што кога некој ќе претера, како што тие претераа, задушувајќи ги своите политички опоненти, на опонентите, опозицијата, на крај ништо не им преостана освен да го земат барјакот на слободата и да речат – Дајте ни простор да дишеме и ние да бидеме рамноправни партнери во оваа политичка игра. Оттаму велат автократскиот режим си ја предизвикува на овој начин судбината, меѓутоа тој систем исто така не може да се разруши преку ноќ и ако тој им гарантира на надворешните партнери стабилност и ред, веројатно тие ќе речат – Па нека тече процесот на ослободување, но да го сочуваме единството и поредокот во земјата, особено во светлината на фактот дека во тој авторитарен систем постојат оттуѓени центри на моќ, коишто носат страотни одлуки, од типот на онаа во Куманово, за која што никој не знае точно од каде доаѓа, каде води, која била причината. И оттука и повлекувањето на Запад.

Дел од опозициските кругови покажаа некакво разочарување од улогата на еврокомесарот Хан во разговорите. Какво е вашето мислење?

Дека тој не е спремен да се зафати со ова тешко прашање на демократизација на Македонија се виде од неговата посета на Соединетите Американски Држави. Да отидете во земјата којашто себе си се доживува како светилник на слободата во светот, а да не го отворите проблемот за слободата во Македонија кога веќе сте прашани за состојбите во таа држава од страна на американските соговорници, веќе зборуваше дека тој бега од големата тема и сака да се задржи исклучиво на техникалии кои исклучиво ќе овозможат, ете, уште еднаш да се отиде на избори, да се исчистат некакви списоци, и сето тоа набрзина некако да помине. Дали е тоа некаков негов личен избор и симпатија кон власта или, пак, свест за слабоста на демократијата во Македонија, тоа не би знаел да кажам, но самите преговори го потврдија уште еднаш овој факт, а тоа е дека тој го става редот пред слободата.

Професоре, гледате ли вие поделеност во Европската унија на левица и на десница во контекст на поддршката што ја даваат на македонската левица и на десница, во светло на разрешување на политичката криза?

Веројатно определено влијание имаат тие лични односи, фактот дека ние имаме луѓе коишто одат на конференции, на состаноци на тие десни партии, воспоставуваат и лични врски и односи, сето тоа сигурно влијае, но ми се чини не може пресудно да влијае. Не мислам дека актуелниот премиер ја ужива симпатијата на десницата во Европа, не можам да замислам, всушност не мора да замислиме, знаеме од зборовите на германската амбасадорка во Скопје, што мисли, да речеме Ангела Меркел или што мисли Германија највлијателната партија во десницата. Значи не станува збор тука за симпатии, туку пред сè за фактот дека имаме општество заробено од авторитарниот режим и патот кон слободата, кон ослободување на тоа општество, мора да дојде, парадоксално е, ама така е, со извесна соработка од тие што го создале тој систем, а имено да дојдат до ниво на свест дека нешто мора да направат за државата, а тоа е да го ублажат, модифицираат, напуштат тој авторитарен систем и да почнат да ја споделуваат власта со опозицијата. Можеби ова звучи на раб на политичка фантастика, но во таква ситуација сме.

Што ќе значи евентуалното губење на препораката за преговори со Европската унија, нешто што веќе е најавено како можност ако не се дојде до разрешување на политичката криза?

Губењето на препораката ќе значи губење на Брисел влијание во Македонија, значи тоа ќе биде лошо за Македонија. И оние малку инструменти што ги имаат да влијаат врз нас и да го контролираат поведението на власта во извесна смисла и тие инструменти ќе ги снема и тоа може да биде прилично комотна ситуација за луѓе на кои не им е баш при срце безбедноста и благосостојбата на сопствениот народ, туку некакви си лични профити и мотиви.

Како го оценувате изненадувачкиот ангажман на Русија од пред некое време и зачестените изјави на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, поврзани со случувањата со политичката криза и за инцидентот во Куманово?

Големата политика во Европа се помести со украинската криза. Она што дотогаш се сметаше за обединување, Русија станува дел од Г7, економскиот подем и соработка меѓу Русија и Запад, сето тоа се скрши на прашањето на Украина и на авторитарниот модел на владеење од страна на Путин којшто ги користи сите предности на слободната и регулираната со закон економија на Запад за да прави големи профити за своите државни претпријатија, а дома спроведува политика на цврста рака. Е сега кога се скрши тоа, тогаш и логиката на студената војна зема замав, а имено по логиката на студената војна беше – она што едниот ќе загуби, другиот ќе добива и сега ако во Македонија има загуба за едната страна, а добивка за другата, тогаш вреди барем вербално да се зборува за тоа. Се разбира и фактот дека има очигледни симпатии на водството на државата и кон устројството на Русија и кон начинот на кој таа се однесува. И тие две работи, значи меѓународната позиција, Украина и ова намигнување од македонската страна ја предизвикаа реакцијата на Лавров, кого инаку лично го познавам, тој беше претставник на Русија во Обединетите нации, којшто едноставно ја следи сега оваа државна политика која наликува на онаа блоковска од некогаш.

Во периодов некако не доби голема јавност средбата на вицепремиерот Фатмир Бесими со грчкиот министер за надворешни работи во Атина. Таму, меѓу другото, биле разговарани некакви мерки за добрососедство, најавено е дека политичкиот директор на грчкото МНР ќе дојде во Македонија, дека ќе се разговараат тие мерки, а дополнително и самиот Коѕијас ќе дојде во Скопје. Можно ли е решавање на проблемот за името во ваква ситуација каква што е сега во Македонија?

Јас мислам дека веќе настаните го маргинализираа ова прашање во некоја смисла, сега кога стабилноста и опстанокот во некоја смисла на државата, чии две страни се во жесток конфликт, се одвива пред нашите очи, овие обиди од страна на албанската партија мислам дека треба и да прекинат или да паузираат малку, оти немаат никаква смисла. Дури и толку време помина што во Грција се отворија и најотворено темите дека мора да се влијае врз македонското раководство да се реши овој проблем, така што ќе се притиска албанската страна. Се покажува во меѓународната политика дека ако не зборувате со еден глас, подобро ви е да молчите. Или ќе научат да зборуваат со еден глас ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ или подобро е и двете страни да молчат. Она што не сме го разбрале во сите овие 23 години е дека сме ние нова држава и дека она оваа тло нова, современа, самостојна држава, дека тоа не само за нас, туку и за соседите отвори сериозни дилеми за тоа кои ни се нашите намери, во што ќе израснеме итн. и дека многу малку правиме за да ги убедиме во нашата искрена и отворена намера да ја градиме Македонија како демократска земја, да се залагаме за европски Балкан, за Балкан без граници, да се обидеме да ги надминеме и да ги оставиме зад себе историските трауми. Сето тоа ние не го правиме и на тој начин практично се оставаме на милост и немилост на надворешните фактори, а ја испуштаме шансата за судбината сами да ја земеме во свои раце.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG