Достапни линкови

Лидери без готовност за компромис


Европската унија ги повикува сите страни во интерес на својата земја и нејзините граѓани да се најде траен политички компромис без одложување.

Дванаесетчасовните преговори во Брисел од кои јавноста очекуваше некакво решение завршија без успех. Лидерите на засегнатите страни излегоа со сосема спротивставени ставови на крајот од средбата која се одвиваше со посредништво на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Господинот Заев ниту сакаше да постигне договор, ниту пак дојде до тоа. Затоа што тој не дојде да се договори, тој дојде да не се договори. Човекот се плаши од избори. Тој знае дека на наредните избори ќе доживее тешко фијаско и дека ќе го доживее најтешкиот пораз на СДСМ досега во неговата историја. Ни договор сака да постигне, ни избори да има.
Никола Груевски, премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

„Господинот Заев ниту сакаше да постигне договор, ниту пак дојде до тоа. Затоа што тој не дојде да се договори, тој дојде да не се договори. Човекот се плаши од избори. Тој знае дека на наредните избори ќе доживее тешко фијаско и дека ќе го доживее најтешкиот пораз на СДСМ досега во неговата историја. Ни договор сака да постигне, ни избори да има“, рече Груевски.

„Неразумно и нелогично е креаторот на кризата Никола Груевски да остане да раководи со Владата што треба да организира, подготви и спроведе предвремени избори. Груевски денеска беше подготвен сите да ги продаде, само својата кожа да не ја даде. Направи чекори кои водеа кон се, само тој да остане на чело на Владата. Ние нема да дозволиме уште едни криминални избори, Груевски да ги организира. Нашите ставови се јасни и нема пазарење со слободата и демократските вредности што ги заслужуваат македонските граѓани“, изјави Заев.

Претседателот Заев и делегацијата на СДСМ останаа доследни на принципиелната позиција што е став и на граѓаните на Република Македонија. Нема пазарење со слободата и демократските вредности што ги заслужуваат граѓаните на Македонија, како и нивните сограѓани од Европа. Никола Груевски мора да се повлече.
соопштение од СДСМ.

По ваквите изјави на двајцата лидери паднаа во вода сите информации низ медиумите кои можеа да се слушнат и прочитаат во текот на разговорите. Дел од тие информации кои Груевски ги нарече шпекулации беа дека на маса бил предлог за техничка влада и повлекување на премиерот Никола Груевски од премиерската позиција три месеци пред април 2016 година, времето на договорените идни парламентарни избори.

Во меѓувреме, со соопштение до јавноста се јави и Социјалдемократскиот сојуз. Во него се вели дека со преговорите не е задоволен условот за суштинското прашање околу отворањето на преговорите, односно организирање Влада што нема да ја предводи Груевски.

„Претседателот Заев и делегацијата на СДСМ останаа доследни на принципиелната позиција што е став и на граѓаните на Република Македонија. Нема пазарење со слободата и демократските вредности што ги заслужуваат граѓаните на Македонија, како и нивните сограѓани од Европа. Никола Груевски мора да се повлече“, се вели во соопштението од СДСМ.

Разочараност од вчерашните преговори искажа и еврокомесарот Хан, кој на својот твитер профил напиша:

„Нема конечен договор на разговорите за БЈР Македонија. Многу сум разочаран од недостатокот на одговорност и лидерство на некои. Граѓаните заслужуваат подобро: демократија, владеење на правото и европска иднина. Нема да се откажеме!“

Во писмена изјава по состанокот, портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич наведува дека еврокомесарот Хан се сретна со политичките лидери за продолжување на разговорите за наоѓање решение за политичката криза во земјава. Разговорите, се наведува, беа отворени и детални, но сè уште не доведоа до конечен договор.

„Европската унија ги повикува сите страни во интерес на својата земја и нејзините граѓани да се најде траен политички компромис без одложување и да се излезе со конкретни предлози за оваа цел, за дефинирање на веќе постигнатиот договор во Скопје на 2 јуни. Определбата за реформи содржани во него, на која се посветени сите партиски лидери мора да се спроведе како итно прашање. Ова е од суштинско значење за земјата да направи каков било напредок на патот кон евроатлантските интеграции. Европската комисија сега ќе разгледа како да придонесе најдобро за политичкиот процес во земјата и останува подготвена да ги олесни дискусиите“, се вели во изјавата од Коцијанчич.

Пред вчерашната средба во Брисел и претходеше средба во Скопје која се одржа на 2 јуни, а на која беше постигнат договор за предвремени парламентарни избори во април догодина. На истата средба беше постигната рамка за преговори за влада која треба да ги организира изборите и чии детали требаше да се прецизираат на вчерашната средба. Тогаш беше кажано дека се од она што е договорено на средбата во Скопје, нема да важи ако во Брисел не се постигне договор за преодна влада на која инсистира опозицијата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG