Достапни линкови

Обама: Путин ја уништува руската економија за „слава“


Американскиот претседател Барак Обама го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека ја уништува руската економија во залуден обид да ја обнови славата на советската империја. На крајот од самитот на Г7 во Германија, Обама ја нагласи потребата од запирање на бранот странски борци во Ирак и Сирија.

Во едно од најострите обраќања Обама, во Баварија каде што учествуваше на самитот на Групата седум индустријализирани земји, изјави дека Русите страдаат поради Путин.

Рускиот претседател не учествува на самитите на Г7 по руската анексија на Крим во минатата година.

„Руските сили продолжуваат да оперираат во источна Украина, нарушувајќи го нејзиниот суверенитет и територијален интегритет“, рече Обама.

Според него, Русија сега се наоѓа во длабока рецесија, а Путин е тој што треба да донесе одлука по кој пат ќе тргне.

„Дали ќе продолжи да ја уништува економијата на својата земја и ќе продолжи да ја изолира за да ја оствари погрешната желба повторно да ја врати славата на советската империја или дали ќе признае дек руската величина не зависи од нарушувањето на територијалниот интегритет и суверенитет на други земји“, рече Обама.

Тој најави дека ќе има натамошни санкции врз Русија доколку продолжи на досегашниот нејзин курс.

Дали ќе продолжи да ја уништува економијата на својата земја и ќе продолжи да ја изолира за да ја оствари погрешната желба повторно да ја врати славата на советската империја или дали ќе признае дек руската величина не зависи од нарушувањето на територијалниот интегритет и суверенитет на други земји.

Во соопштението од Самитот на Г7 се наведува дека сегашните економски санкции ќе продолжат се додека целосно не биде спроведен договорот од Минск кој е потпишан од украинската влада и проруските бунтовници.

Во врска со самитот Кремљ, оцени дека отсуството на Путин не било голема работа бидејќи тој преферирал други формати кои се поефикасни и подобро ја рефлектираат рамнотежата на економската моќ во светот.

„Сега е невозможно седум или осум луѓе ефикасно да разговараат за глобалните проблеми“, оцени портпаролот на Кремљ Дмитри Песков.

Инаку, на крајот од самитот во Германија претседателот Обама изјави дека глобалната економија се развива, но оти се уште го нема постигнато целиот свој потенцијал.

Според него, Соединетите Држави ќе треба поагресивно да ја зацврстат одбрана од хакерски напади каков што бил неодамна обелоденетиот врз компјутери на американската влада.

Меѓу главните теми на дводневниот собир беше и борбата против милитантите на Исламската држава.

Според Обама, сите земји кои учествуваат во меѓународната коалиција биле подготвени да направат дополнителни напори за обука на ирачките безбедносни сили во борбата против милитантите.

Обама додаде и тоа дека Вашингтон се уште нема комплетна стратегија во помагањето на Багдад да ја врати контролата на територијата освоена од милитантите на Исламската држава.

Претходно, како што рече, ирачката влада треба да се заложи како да изведе регрутирање и обука на новите сили.

На самитот се разговарало и за климатските промени при што е поддржано намалување на испуштањето штетни гасови во атмосферата.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG