Достапни линкови

„Здраво млади“ – крик против турбоизацијата на свеста


Петнаесеттина бендови и артисти од САД, Канада, Велика Британија, Швајцарија, Хрватска, Србија и од Македонија, ја чинат целодневната програма на три сцени, од јубилејното петто издание на Интернационалниот фестивал за нова музика „Здраво млади“.

На урбано Скопје, та и на самомислечка Македонија, в недела, на 7 јуни, ќе и се случи јубилејното петто издание на Фестивалот за нова музика „Здраво млади“, манифестацијата која во изминативе четири години не разгали промовирајќи ја самоодбраната мисија дека има намера да се грижи за хигиената на сетилата на генерациите кои што доаѓаат и кои нималку не ја мирисаат агресивната турбоизација на духот овде и сега. И на него, во целодневната програма, овојпат распоредена на три сцени кои ќе гравитираат кон Младинскиот културен центар, се очекува да настапат петнаесеттина бендови и артисти од САД, Канада, Велика Британија, Швајцарија, Хрватска, Србија и од Македонија.

Денес, за жал, не е така. Денес салата „Борис Трајковски“ ја полнат турбо-фолк иконите кои никогаш порано не им биле познати на генерациите на Скопје и на Република Македонија. Токму поради тоа е и „Здраво млади“.

Точно напладне серијата перформанси ќе ја почнат домашните миленици „Лепи Џони“ кои во оваа пригода ќе го промовираат своето ново макси-сингл издание. Следуваат настапите на „Суртуклер“, реге-месијанците „Конкеринг лајон“, регионалното дуо „Ти“ и конечно „Риб“, проектот на Ивица Димитријевиќ и момците од бендот СИЗ.

Гонџасуфи.

Гонџасуфи.

Вториот дел од програмата, од 16 до 19 часот, ќе им припадне на сетовите на белградските диџеи Модсвингер и Кир од колективот „Ди-спач“, а веднаш потоа е планирано на сцената да се искачат бучните „Власта Попиќ“ од Хрватска, кои е најавено дека на овој настап ќе го промовираат својот нов албум „Квадрат“.

Во продолжение публиката најнапред ќе има можност да се сретне со звукот на швајцарскиот комбо колектив „Оркестра тут пусант Марсел Дишамп“, а потем и со последната голема белградска поп-ноис атракција „Артан Лили“. Со нагласена љубопитност се очекува настапот на извонредниот канадски ноис-рок бенд „МЕЦ“, кои овде ќе го претстават својот втор штотуку објавен албум за култните „Саб поп“, старите познаници од 2012 и британски минималисти кои снимаат за концернот „ЕМИ“ - Тобин Принц и Сузи Хорн или заедно „Принцхорн денс скул“, за да возбудата кулминира со новата инкарнација на нашите „Бернајс пропаганда“, чиј фестивалски промо-сингл со песните „И двете“ и „Сакав да се заљубам“ најавува интересна звуковна авантура.

Денес сме доведени во ситуација во која пишуваните, електронските и новите медиуми речиси комплетно ја игнорираат оваа нова сцена.

И, конечно за крај, некаде длабоко во ноќта, директно од Лас Вегас, доаѓа Гонџасуфи, пејачот, продуцентот, јога-учителот, вљубеникот во Џими Хендрикс... чиј глас е опишуван како „вонвремен“, а за чија понуда се вели дека еквилибрира помеѓу експерименталната фузија на урбани битови и психоделијата.

„Конкеринг лајон“

„Конкеринг лајон“

Во пресрет на настанот, Златко Стефковски, директор на МКЦ, вели дека ова е еден мал и скромен јубилеј, но ним како организатори и на „(р)урбано Скопје“, ако слаткасто би се изразил, многу значаен. Во експликацијата тој се потсетува на убавите денови од „Т – фестивал“ во почетокот на 1990-те кога на Скопско сајмиште редовно се собираа по неколку илјадници посетители, за да заклучи дека во таквите времиња кога пак беа најсилни турбо-атаците од Север „тие не успеаја да не начнат, туку само да не одминат“.

„Денес, за жал, не е така. Денес салата „Борис Трајковски“ ја полнат турбо-фолк иконите кои никогаш порано не им биле познати на генерациите на Скопје и на Република Македонија. Токму поради тоа е и „Здраво млади“. Тоа е еден врисок, еден крик, еден самосвоен бунт против сето ова што ни се случува. А, почнавме скромно пред пет години – со само 200 - 300 продадени билети. Дојдете во недела и ќе видите десет пати по толку. Се надевам дека во следните пет ќе бидеме и со една нула повеќе на бројката присутни на фестивалот“,

Инаку, денеска , во Џебно кино во МКЦ, од 18.00 часот, ќе се одржи дебата на тема „Музиката и медиумите“ со поднаслов „Македонската музика во домашните и регионалните медиуми“.

„Артан Лили“

„Артан Лили“

Модератот на трибината ќе биде Тошо Филиповски од „Максимум рокенрол“. Тој вели дека станува збор за почеток на една серија на разговори кои би требало да се случат до крајот на годината и кои ќе се обидат малку поотворено да проговорат за рок музиката во нашето општество, да детектираат некои отворени проблеми и евентуално да се побараат можните решенија за нивно санирање. Всушност да се направи засилен напор за промоција на современата македонска музика во и надвор од земјата.

„Денес сме доведени во ситуација во која пишуваните, електронските и новите медиуми речиси комплетно ја игнорираат оваа нова сцена. За чудо истата таа сцена или барем некои нејзини претставници постигнуваат видни резултати надвор од границите на Република Македонија, но и покрај тоа овде тие и натаму остануваат на маргините или воопшто не се спомнуваат. Ќе се обидеме јасно да проговориме за тие прашања, да побараме одговори на тоа како да продреме во медиумите и како да се стори неопходната промоција на домашната современа сцена во пошироки регионални рамки“, истакнува Филиповски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG