Достапни линкови

Исламската држава посега по Балканот


Сцена од пропагандниот филм на Исламската држава.

Сцена од пропагандниот филм на Исламската држава.

Пропагандниот филм на кој се прикажани џихадисти од балканските земји, мора да го натера регионот на подобра соработка и одлучна акција притив они кои повикуваат на тероризам, порачуваат експерти од регионот.

Екстремистичката организација Исламска држава објави пропагандно видео во кое им се заканува на балканските земји и ги повикува муслиманите од Балканот да и се придружат на организацијата или пак да спроведат напади на Балканот. Видеото под насловот „Чест е да си во џихад, порака за балканците“ го објави медија центарот Ел Хаџат, пропаганден центар формиран за да можат пораките на исламистите да допрат до публиката на Западот. На снимката, меѓу останатото се прикажани и припадници на Исламската држава кои дошле од Балканот.

Во дадени ситуации таквите лица може да бидат искористени во многу различни форми во Република Македонија и во регионот да извршат некој терористички акт.

Македонија донесе антитерористички закон со кој се казнува учеството на македонски државјани на странските боишта. Според некои информации досега во ИД заминале околу 20 државјани на Македонија, а од нив 12 го загубиле животот. Во последно време тренд е и жени од Македонија да се приклучуваат на Исламската држава, пред се женски лица од Куманово, вели универзитетскиот професор Владимир Пивоваров.

„Исцртувањето на контурите на териториите кои би сакале ИД да ги опфати, од страна на нивните лидерите, во која територија влегува и Македонија и земјите кои доаѓаат по Македонија, се до Виена, и во таква ситуација учеството на овие лица, нивната едукација таму, нивната идеологија со која се стекнуваат таму, апсолутно може да биде поврзана со целите и заканите кои ги истакнуваат нивните лидери и во дадени ситуации таквите лица може да бидат искористени во многу различни форми во Република Македонија и во регионот да извршат некој терористички акт“, вели Пивоваров.

Косово - властите подготвени да реагираат на секоја закана

Од косовската полиција по објавувањето на филмот, преку соопштение до јавноста наведуваат дека Косово засега не е под никаков голем ризик од тероризам, но како и другите развиени земји во Европа и пошироко, не е имуна на тоа.

Од Косовската влада, пак, соопштуваат дека властите се подготвени да реагираат на секоја закана.

На објавеното видео реагираше и Исламската верска заедница на Косово. Портпаролот Ахмет Садриу вели дека оваа заедница остро ги осудува заканите од Исламската држава упатени кон Балканот.

„Тоа нема никаква врска со исламот, затоа што исламот не одобрува закани за убивање и уништување“, велат од Исламската заедница на Косово.

Србија - некој на нас нема да испробува терористички напади

Од надлежните во Србија реагираше министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, кој вели дека нема да дозволат некој на нив да испробува терористички напади.

„Ја следиме ситуацијата и веќе ги преземавме сите мерки. Секојдневно нашиот штаб и надежните служби во Министерството за внатрешни работи разгледуваат каква е безбедносната состојба во врска со заканите од тероризам. Преземаме се што е неопходно да за спречиме прелевање на каква било нестабилност од регионот, но и од пошироко во нашата земја. Секој кој мисли дека може на каков било начин да ја загрози состојбата на Република Србија, може само да смета на многу жесток одговор од нашата држава“, рече Небојша Стефановиќ.

Ова пропагандно видео покажува дека екстремистите на Исламската држава многу добро разбираат како треба да се води војна во модерно време, оценува воениот аналитичар Александар Радиќ. Тој смета дека тероризмот како закана која до неодамна делуваше далеку, сега го поминува прагот на Балканот.

„Екстремистите покажуваат дека камерата и социјалните мрежи ги сфатиле како подеднакво ефикасно, ако не и повредно средство од автоматската пушка. Механизмот на страв што го создаваат успева да ја намали волјата на противникот да се спротивстави и всушност гледаат дека пропагандата им е адут на долг рок. Според тоа, целосно е разбирливо што продукцијата на филмовите кои ги прават е солидна. Се работи за едно практично делување. Се порачува дека некој може да биде отруен во соседството, дека никој никаде не е безбеден. Секој кој мисли дека е целосно изземен од што било што има политичка тежина сепак може да биде мета на исламските терористи“, вели Радиќ.

БиХ - очајнички крик на ИД

Стручната јавност во БиХ, пак, смета дека се работи за очајнички крик, бидејќи Исламската држава го губи тлото под нозе и дека се помалку има приврзаници. Никој веќе не верува во светоста на војната која се претвори во ограбување и борба меѓу муслиманите. ИД немаат сила и не можат сериозно да го загрозат овој регион, вели професорот на факултетот за криминалистика, криминологија и безбедносни студии во Сараево, Јасмин Ахиќ.

„Мислам дека ова е очајничка порака, бидејќи не можат веќе да се повикуваат на тоа дека проблемот е во секташтвото, дека проблемот е меѓу Сунитите и Шиитите, да се борат против одредени центри на моќ како САД и Израел. Видовме дека влегуваа и во палестинските логори во Сирија и Ирак, заробуваа Палестинци. Мислам дека на сите им стана јасно дека тоа се ѕверови кои во својата залуденост и изгубеност веќе немаат никакви скрупули“, вели професор Ахиќ.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG