Достапни линкови

Тинтири Минтири Филм Фест за деца


Под мотото „Филмови на големото срце“, од 5 до 7-ми јуни, во Кинотека на Македонија ќе се одржи првото издание на Меѓународниот филмски фестивал за деца „Тинтири Минтири Филм Фест“. Фестивалот како организатори го потпишуваат Детскиот креативен центар, Аурипигмент продукција и Кинотека на Македонија, а целта на манифестацијата е децата да стекнат важни искуства поврзани со филмската уметност и воедно ја задоволат потребата за креативно изразување.

Десет филмови како „Човекот од островот сендвич“ на Левон Минасиан од Франција, „Даливинкасо“ на Марчело Кастро од Бразил, „Вистинска љубов“ на Маркус Фист од Германија, „Црвената грмотевица“ на Алваро Рон од САД и „Звукот на патот“ на Барзан Ростами од Иран, одбрани од 96-те кои што пристигнале на отворениот конкурс, ќе бидат прикажани во официјалната конкуренција за награди на првото издание на Меѓународниот филмски фестивал за деца „Тинтири Минтири Филм Фест“, што од 5 до 7 јуни, ќе се одржи во Кинотека на Македонија.

Ќе видите дека филмовите на нашите деца, освен онаа филмска естетика што треба да биде задоволена, имаат и порака која авторите си ја праќаат на себе и на средината во која што живеат. Таа порака нималку не е патетична. Прилично е реална и е многу силна.

Кузман Кузмановски од Детскиот креативен центар „Тинтири Минтири“ и Аурипигмент продукција како носители на проектот, во пресрет на започнувањето на манифестацијата, вели дека идејата водилка за нејзиното промовирање е едукацијата на децата. Појаснува дека од една страна постојат бројни остварувања кои се надвор од оној шаблон на цртани и воопшто филмови за деца кои што изобилуваат со насилство и пораки кои што се непримерени за таа возраст, посебно овде кај нас во Македонија, а од друга, веројатно и носечка, ним како на организатори им било целисходно да се бават со филмовите за деца направени токму од нивните врсници – значи со вистинските детски филмови.

„Многу се мислевме околу оваа работа и морам да признам дека на почетокот дури и по малку стравувавме. Но, фала Богу, излезе дека сме биле во грешка и дека децата имаат потреба и желба да творат. Особено се заинтересирани да творат филм и ние некако наидовме практично на многу плодна почва.“

Кузмановски истакнува дека притоа особено се горди на фактот што, во рамките на ова прво издание на Фестивалот, премиерно ќе бидат прикажани и осум краткометражни филмови изработени од 70-тина деца, инаку членови на Детскиот креативен центар.

„Ќе видите дека филмовите на нашите деца, освен онаа филмска естетика што треба да биде задоволена, имаат и порака која авторите си ја праќаат на себе и на средината во која што живеат. Таа порака нималку не е патетична. Прилично е реална и е многу силна. Тоа е она што нас не радува. Децата пред да творат имаа некои „хорор идеи“, веројатно под влијание на она што го гледале и возприемале досега, меѓутоа кога им кажавме дека во „Тинтири Минтири“ филмовите треба да бидат со идеја, со порака, скоро сите се одлучија да тргнат по тој пат. Нашите членови стекнуваат важни искуства поврзани со филмската уметност и воедно ја задоволуваат потребата за креативно изразување. Со детските филмските дела се верифицира нивниот труд и желба за работа. Нивната возбуда кулминира со премиерното фестивалско прикажување на делата што сами ги направиле. Целта ни е да оставиме траен печат во срцата на децата, којшто понатаму може да помогне истите да започнат професионално да се занимаваат со филмот. Тие се нашите идни македонски филмски работници“, дециден е Кузмановски.

Инаку, во рамки на „Тинтири Минтири Филм Фест“ ќе бидат организирани и две работилници – едната за архивирање на филмовите, на која децата ќе можат да видат како се чува македонското филмско наследство за идните генерации, а другата е за изработка на анимирани ликови и е наменета за деца од 6 до 11 години.

Згора на тоа на манифестацијата ќе биде објавен и конкурс за најдобро сценарио напишано од деца на возраст од 6 до 14 години, а наградата за победникот ќе биде снимање на филм кој би бил прикажан на Фестивалот догодина.

„Целта е да го мобилизираме креативниот потенцијал кај децата и да им кажеме дека доколку се занимаваат со креативна работа ќе има верификација на нивниот труд. Значи според тоа сценарио ќе биде снимен филм во текот на наредната година и дека сето тоа ќе кулминира со нивна огромна радост и задоволство.“

Кон ова само уште информацијата дека најдобриот филм на фестивалот ќе биде одбран од гласовите на децата во публиката, а интересно е и тоа дека во втората фаза од манифестацијата планирани се претставувања и кинопроекции во Куманово, Охрид, Струга, Битола, Кочани и во други градови од Република Македонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG