Достапни линкови

logo-print

Бизнисот жртва на политичката нестабилност


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Владата треба сериозно да ги земе предвид мерките кои ги предлагаат стопанските комори, но аналитичарите се скептични дека тие може да се спроведат во услови на политичка и економска несигурност.

Предлог мерките на стопанските комори за излез од политичко-економската криза се добри, но реално остварливи само доколку постои политичка волја од Владата, согласни се економските експерти.

И да се донесат тие мерки прашање е дали ќе се реализираат, во една политичко-економска несигурност. И заради тоа се поставува прашањето дали тие ќе бидат ефектни? Но мора, да се почне од нешто.

Професорката Марија Зарезанкова - Потевска вели дека надлежните институции треба сериозно да ги сфатат овие мерки кои се многу важни за економскиот момент во кој се наоѓа државата.

„И да се донесат тие мерки прашање е дали ќе се реализираат, во една политичко-економска несигурност. И заради тоа се поставува прашањето дали тие ќе бидат ефектни? Но мора, да се почне од нешто. На пример, непродуктивните трошења дефинитивно треба да се сведат на нула, бидејќи нашиот буџет е празен, односно секогаш е во голем дефицит“, вели Зарезанкова –Потевска.

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ, вели дека дел од мерките се добри и конкретни, но и тој се сомнева дека се реално остварливи. За некои од мерките како што се на пример подобрување на бизнис климата или стимулирање на извозот вели дека се премногу воопштени и често користени клишеа кои не гледа како можат да ја подобрат моменталната економска состојба.

Мерката за намалување на непродуктивните трошења е добредојдена, зашто премногу пари се излеваат од нашиот буџет на вакви трошења. Прашањето е дали владата ќе сака да ги оствари, тука не сум сигурен.

„ Дел од мерките на Северозападната комора на Македонија на пример, се сосема во ред. На пример изградбата на автопат кон Косово, затоа што во услови на криза треба да се инвестира во инфраструктура и затоа што Македонија има многу лоша инфраструктура. Исто така мерката за намалување на непродуктивните трошења е добредојдена, зашто премногу пари се излеваат од нашиот буџет на вакви трошења. Прашањето е дали владата ќе сака да ги оствари, тука не сум сигурен. Како што покажува искуството од изминатите месеци кога овие трошења растеа, не би очекувал да се намалат во блиска иднина“, вели Јовановиќ.

Според Потевска она што коморите го предлагаат е реален одраз на нивните потреби. Таа нагласува дека покрај политичката волја на надлежните, потребна е подготвеност и капацитет на сите органи тоа да го спроведат.

„Некои работи се почнати и прашање е дали ќе се прекинат. На пример овие денови ми стана малку зачудувачко купување на палми во услови на наврабоеност, сиромаштија итн. Е сега ако тоа се стопира тоа, не дека многу ќе се зголеми вработеноста, но сепак ќе се покаже добра волја да се надминат тие проблеми, значи да нема непродуктивни трошења, односно луксузи. Тогаш може да зборуваме за одредени резултати“, вели Потевска.

Јовановиќ истакнува дека е несомнено оти политичката криза во земјава негативно се одразува врз македонската економија.

„Прашањето е дали краткорочната економска загуба е поважна од долгорочната политичка добивка. Јас би кажал дека не е поважна. Не треба да се цели на брзи решенија, туку на добри. И затоа не треба да се брза. Тоа што моментално би имале економска загуба заради политичката криза не е аргумент за да се брза со политичките решенија. Мора да се донесат добри решенија“, изјави Јовановиќ.

Од Стопанските комори предупредуваат дека најавените предвремени избори во април догодина ќе ја продлабочат неизвесноста и токму затоа апелираат на брза разрешница и стабилност. Во прилог на негативните ефекти од политичката криза зборуваат и последните податоци од Народната Банка според кои во првиот квартал од годинава, се забележува пад на странските вложувања за 36 проценти во споредба со истиот период лани.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG