Достапни линкови

„Исповедни пиеси“ на Галевски – писанија за самопочитта


„Исповедни финеси“ е насловена првата прозна објава на Влатко Галевски, чија промоција е предвидено да се одржи овој четврток, на 4 јуни, во 20 часот, во клубот „Менада“ во Скопје. Станува збор за за 107-то издание во едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ, кое излезе од печат за време на Саемот на книгата минатиот месец.

Влатко Галевски е новинар, филмски критичар, музичар, културен деец. Еден од драгите ликови на урбано Скопје. Неуморен во отпорот кон „турбоизацијата“ на нашата стварност, тој од неодамна е и автор кој стамено стои пред својата книга „Исповедни финеси“, што беше публикувана како 107. објава во едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ.

Наеднаш се појави тој чуден, дури и силен маркетиншки наслов, меѓутоа чувството е тоа дека во еден момент во секоја од своите финеси сосема се отворам и го соопштувам она што долго ми тлеело да биде ставено на хартија.
Влатко Галевски, новинар, филмски критичар, музичар...

Книгата содржи вкупно 30 финеси, и секоја од нив, како што ќе забележат издавачите, е „уникатна, лична, шармантна, заводлива, сугестивна“.

За нејзиниот наслов авторот знае да каже дека и нему во еден момент му паднал чуден.

„Во еден момент се замислив дали тоа јас имам право да споделувам со публиката некои приватни, интимни... дури делумно „нашминкани“ литерарни настани од сопствениот живот, меѓутоа веднаш потоа ми стана јасно дека всушност тоа и ми треба. Дека јас своите радости од моите животни искуства имам право да ги споделам, ако не со поширок круг на луѓе, барем со пријателите кои што ќе ја прочитаат книгата. Наеднаш се појави тој чуден, дури и силен маркетиншки наслов, меѓутоа чувството е тоа дека во еден момент во секоја од своите финеси сосема се отворам и го соопштувам она што долго ми тлеело да биде ставено на хартија“, вели Галевски.

Во поговорот за објавата насловен „Шармот на автентичноста“, промотерот професор Ферид Мухиќ, меѓу другото ќе забележи: Со „Исповедни финеси“ Влатко Галевски формулира едно апсолутно исклучително и исто толку потребно стојалиште на обновен респект за автентичноста на нашиот сопствен живот. Длабоко сум убеден дека книгава што ја држите во рацете спаѓа во онаа хуманистички инспирирана и естетски афирмирана литература од рангот на Саројан, Селинџер, Ефраим Кишон, а којашто одигра витална улога во самопочитување на цели генерации.

Авторот, пак, појаснувајќи зошто делото е хуманистички инспирирано истакнува дека за него искреноста како основа во литературата е една навистина важна компонента и дека тој во литерарната авантура тргнал токму од неа. Дополнува дека за естетиката можат да судат читателите, но за неговото самопочитување во книгата истакнува дека е повеќе од очебијно. Вели дека на нејзините страници тој има забележано дузина весели, радосни раскази. Дека има и прилично тажни, дури и некои љубовни...ама дека сето тоа е срочено на начин кој нему му се чини дека го потврдува неговиот карактер. Неговиот личен интегритет пред се* како човек, а не како пишувач.

„Самопочитта е еден од најважните елементи кои денеска многу, многу недостасуваат. Зборувам во глобални рамки. Се помалку луѓето се самопочитуваат. Се повеќе се посветуваат на некаква почит кон другите. Кон некаква идолатрија. Е тоа сакав да го избегнам во целата моја книга, во сите 30 раскази.“

Роден 1949 година, Влатко Галевски студирал правни науки и музика. Цели две децении бил член на славниот ансамбл „Oктет Македонија“, а пет години и уредник на видеоизданијата на „Македонија филм“.

Во периодот од 1993 до 1998 година бил уредник на филмската програма на А1 ТВ и автор на емисиите „Синема“ и „Синеманија“.

Едновремено се јавува како вокалист во музичкиот проект „Октоехос“, продуцент, директор на фотографија и ко-автор на музиката во филмот „Маклабас“, актер во филмот на Ацо Станкоски - „Самит на шаманите“ и член на ад-хок составот FYROM Experiment.

Галевски е и автор на книгата „Фацерија“, а културната јавност веројатно најмногу го познава како творец и водител на радиоемисијата „Слушајте филм“ што се емитувала на Радио УНО, Македонско радио, Радио Равел и Радио Метрополис.

Бил и уметнички соработник на Македонската филхармонија за четири концерти на филмска музика, член или претседател на неколку филмски фестивалски жирија („Браќа Манаки“, „Астерфест“, „Синедејс“, „МакеДокс“) и потписник на повеќе од 600 филмски рецензии.

Од 2001 до 2011 година Влатко Галевски аботеше како новинар и уредник за култура и уметност во магазинот „Форум“.

„И во „Исповедни финеси“ има филмски моменти. Се разбира јас не можам да избегам од својата основна преокупација и два или три раскази од книгата сепак се на тема филм. Од друга страна јас веќе долго време подготвувам материјал од таа област. Дури и го знам насловот на книгата: „Хронографија на македонскиот игран филм“. Тоа се рецензии за сите македонски играни филмови од „Фросина“ до денес. Некои се пишувани во реално време, некои одложено..меѓутоа знам дека со тие 90 рецензии ќе бидат опфатени сите филмови – до последното дело на Иво Трајков. Се надевам дека догодина и овој мој мерак ќе си го истерам и бидејќи сето тоа е во кратка форма се надевам дека ќе биде еден вид водич за оние што сакаат да го запознаат македонскиот филм. Сето тоа дадено на многу мал простор, многу концизно напишано...и верувам дека со една таква објава ќе се пополни празнината што се чувствува. Историја на македонскиот филм има, но нема овој тип на преглед кој што ќе го води и упатува читателот кој ќе биде љубопитен да се нурне во она што значи домашен филм“, вели Галевски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG