Достапни линкови

Договорена рамка за преговори за влада


Амбасадорите од ЕУ се сретнаа со премиерот Никола Груевски

Амбасадорите од ЕУ се сретнаа со премиерот Никола Груевски

Според СДСМ, договорена е рамка за преговори за влада која ќе организира избори. Амбасадорите на ЕУ разговараа со Груевски - интересот на граѓаните најбитен.

Нема конкретен договор за формирање на преодна влада по вчерашната лидерска средба со еврокомесарот Јоханес Хан. Извори од Социјалдемократскиот сојуз информираат дека на неколкучасовната средба била договорена само рамка за преговори за влада којашто би требало да ги организира и спроведе изборите за кои пак бил постигнат договор. Во договореното се наведува дека деталите околу таа влада и сите услови за рамноправен политички натпревар партиите имаат обврска да го договорат на средба во Брисел на 10 јуни.

​Од партијата брифираат дека доколу во Брисел нема договор за Влада, ништо од она што вчера било договорено нема да важи. Остануваат на ставот дека гаранција за фер и демократски избори е само преодна влада која би била без Никола Груевски. Од СДСМ додаваат дека иако рокот за спроведување на сите наведени точки во договореното е релативно краток, сепак има шанса да се направат одредени исчекори во насока на она што ќе значи обезбедување на фер и демократски амбиент за спроведување на избори.

Денеска дискутиравме за можните решенија за излез од моменталната политичка криза и нашата клучна порака беше дека е поважен интересот на граѓаните од интересот на политичките партии.

Со порака денес се обратија и сите 16 амбасадори на земјите членки на Европската унија во Скопје. Иако евроамбасадорот Аиво Орав рече дека средбата со премиерот Никола Груевски била однапред планирана и нема поврзаност со вчерашните разговори, потврди дека се разговарало за можните решенија од политичката криза.

„Ја поздравивме вчерашната конструктивната дискусија помеѓу главните политички лидери и евокомесарот Хан. Денеска дискутиравме за можните решенија за излез од моменталната политичка криза и нашата клучна порака беше дека е поважен интересот на граѓаните од интересот на политичките партии. Денеска го слушнавме ставот на премиерот за начините на кои ќе се справи со сериозните прашања околу владеење на правото и враќање на довербата во институциите“, изјави Орав.

Долгогодишниот политичар Стојан Андов смета дека остануваат премногу отворени прашања по вчерашната лидерска средба и она што е договорено на маса. Тој вели дека е очигледно дека Груевски направил одредени отстапки, но според него најослабена е позицијата на Заев.

Сега излегува само дека Заев потпишал само да се одржат избори на крајот на април кои нема да се знае под какви услови ќе се одржат. А тоа, и таква солуција Заев всушност никогаш и не барал, ниту посакувал.

„Сега излегува само дека Заев потпишал само да се одржат избори на крајот на април кои нема да се знае под какви услови ќе се одржат. А тоа, и таква солуција Заев всушност никогаш и не барал, ниту посакувал. Мое мислење е сепак дека Груевски треба да се отстрани и од владата и од државните функции за да се создаде атмосфера за решавање на кризата. Но, само тоа нема да е доволно, оти неговите најблиски соработници со кои ја градел оваа политика, треба да имаат иста таква судбина. Без тоа нема ништо да се реши“, вели Андов.

Политичкиот аналитичар Насер Зибери вели дека вчерашната реакција на Хан е избрзана. Рокот за предвремени избори е премногу краток за да се исполнат сите точки од договореното, вели Зибери и смета дека евентуалната преодна влада ќе даде резултати само ако е без Никола Груевски во неа.

„Доколку се оди на варијанта Груевски да биде и понатаму премиер, мислам дека неговото влијание ќе биде огромно и шансите за некои подлабоки и посуштински реформи ќе бидат намалени, зошто да имаше тој таква подготвеност и желба ќе ги направевме и досега. Немаше да имаме такво судство, такви медиуми и сето тоа што денес е на некој начин спорно“, заклучува Зибери.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG