Достапни линкови

logo-print

Светски агенции: Македонија на предвремени избори


Со посредство на ЕУ е постигнат договор за предвремени избори во Македонија со што се отвора можноста за завршување на неколкумесечните политички превирања започнати со објавувањето прислушувани разговори за злоупотреби на власта. Ова го јавуваат странските новински агенции за вчерашните разговори на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и четворицата партиски лидери во Скопје.

Новинските агенции ја цитираат изјавата на Хан дека лидерите се договориле за своевиден транзициски период и за предвремени избори не подоцна од крајот на април идната година.

Странските новински агенции исто така наведуваат дека деталите за договорот ќе бидат договарани во идната недела во Брисел.

Агенцијата Ројтерс пренесува дека еврокомесарот Хан дал само малку детали за она што било договорено, при што истакнал дека е „важно земјата да се подготви за избори“, при што спомнал измени во изборниот законик, почитување на правата на малцинствата и независно судство.

Ројтерс потенцира дека не е јасно дали со договорот се решава прашањето за тоа кој ќе ги организира предвремените избори со оглед на тоа што опозицијата ја обвини владата за изборни манипулации и оти лидерот на СДСМ Зоран Заев сакал поголем надзор од Западот.

Локалните посматрачи веруваат дека изјавата на Хан би можело да биде сигнал за можен крај на внатрешниот политички ќорсокак во Македонија.

„Многу интензивен и тежок ден, но најважно е што конечно е постигнат договор меѓу четворицата лидери“, ја пренесува Ројтерс и оценката на Артан Груби од ДУИ објавена на Фејсбук.

Франс прес, јавувајќи за постигнатото во Скопје, забележува дека македонските политичари не сакале да зборуваат пред новинарите по разговорите на кои им се придружил и американскиот амбасадор Џес Бејли.

„Важно е да се надмине сегашната тешка ситуација, сегашната криза со цел да се задржи во живот европската и евроатланската перспектива“, ја цитира Франс прес изјавата на еврокомесарот Хан.

Агенцијата потсетува дека Македонија една деценија е во ќорсокак во нејзиниот обид да влезе во НАТО и Европската унија поради, како што се наведува, ветото на Грција.

Германската агенција ДПА наведува дека Европската унија во 2005 година и додели кандидатски статус на Македонија, но оти се уште нема почнато пристапни преговори.

Прогресот бил забавен поради застој во реформите, но и поради спорот со Атина околу името на Македонија.

Потенцирајќи дека техничките детали на договорот во Скопје ќе бидат договарани во Брисел во наредната недела, ДПА потсетува и на тоа дека СДСМ врши притисок врз премиерот Никола Груевски да поднесе оставка за да направи пат за техничка влада која ќе подготви фер избори.

Руската новинска агенција Итартас, осврнувајќи се на постигнатиот договор во Скопје наведува:

„Локалните посматрачи веруваат дека изјавата на Хан би можело да биде сигнал за можен крај на внатрешниот политички ќорсокак во Македонија“.

Агенциите потсетуваат дека последните избори во Македонија се одржаа во април лани и оти следните требало да се одржат во април 2018 година.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG