Достапни линкови

На велосипед низ Мариово


Велосипедската рекреативна тура во Мариово.
Велосипедската рекреативна тура во Мариово.

Велосипедската тура низа Мариово секоја година привлекува се повеќе туристи, но потребно е подобрување на инфраструктурата за да заживее регионот.

Прилепско Мариово, споро, но сепак чекори вo развојот на туризмот. Секоја година расте бројот на настани коишто и традиционално се одржуваат во оваа еколошки недопрена природа. Само во велосипедската рекреативна тура, овој пат учествуваат преку 700 млади луѓе, речиси од сите краеви на Македонија, но и од Балканот.

Ова е малку дива природа невообичаена за цела Македонија, бидејќи ние се фалиме, нели со шуми, но Мариово како диво само по себе, сигурно дека е привлечно, особено што има толку посетители и јас не би менувал нешто.
Зоран Јаневски, Велес бајкинг.

„Ова е малку дива природа невообичаена за цела Македонија, бидејќи ние се фалиме, нели со шуми, но Мариово како диво само по себе, сигурно дека е привлечно, особено што има толку посетители и јас не би менувал нешто“, вели Зоран Јаневски, од велешкото здружение, Велес бајкинг, еден од редовните посетители на Мариово.

Aлександра Чупевска од Скопје, пак е импресионирана од убавините на Мариово, кое вели нуди многу уживања.

„Има пејсажи, природа, чист воздух, малку можеби е потешко, има подобра циркулација, повеќе адреналин, се лачат хормони на среќа, и задоволството е многу поголемо, целата негативна енергија се троши, така да, по една велосипедна планинска тура е исто како посета на психијатар“, вели Чупевска.

Вакви настани, авантуристичкиот туризам се растечки сектор на пазарот и Македонија нуди многу прекрасни можности од тој аспект. Погледнете ги само планините околу и ќе видите зошто. Има култура, храна, прекрасна дивина, и сега се повеќе треба една организација за да ги привлече туристите и да помогне на локалните економии.
Џес Бeјли, амбасадор на САД.

Здружението „ВЕЛОЕВРОПА“ континуирано, организира дружења и практицирање на што поголем број аутдор спортови, токму овде во мирното Мариово.

„Мариово го одбравме, затоа што нуди огромен потенцијал за практикување на сите аутдор спортови, започнавме со велосипедизам за да го пробаме теренот, каков е, но секоја година вклучуваме се повеќе и повеќе аутдор спортови“, истакнува Слободан Трајковски, претседател на здружението „ВЕЛОЕВРОПА“.

Фасциниран од убавините е и американскиот амбасадор Џес Бејли, којшто деновиве беше во посета на селата во Мариово.

„Вакви настани, авантуристичкиот туризам се растечки сектор на пазарот и Македонија нуди многу прекрасни можности од тој аспект. Погледнете ги само планините околу и ќе видите зошто. Има култура, храна, прекрасна дивина, и сега се повеќе треба една организација за да ги привлече туристите и да помогне на локалните економии“, акцентираше амбасадорот Бејли.

Мелница е едно од селата што ги посети. Тое е веќе на картата на мариовските населби, каде само пајажините на куќите се потсетување дека овде некогаш имало живот.

Во прилепско Мариово кон средината на минатиот век, живееле околу 15.000 жители. Миграцијата, подобрите услови за живот во урбаните средини ги оставиле селата без луѓе, па сега едвај да може да се пребројат двесте.

„Локалната самоуправа имаше за цел да ја подобри инфраструктурата, скоро изградивме асфалтни патишта до сите населени места, водоводни мрежи, онаму каде што се живи населените места. Продолжуваме и со други проекти да ја подобриме инфраструктурата и да овозможиме дел од ова население можеби во иднина да се врати“, истакнува градоначалникот Марјан Ристески.

Но, реално услови за современ живот во Мариово нема, недостига многу инвестиции. Изградбата на хидроцентралата Чебрен е само една добра идеја, којашто би требало да ангажира многу работна сила, која што ќе ги врати иселените мариовци овде, но и покрај ветувањата тоа не се случи.

Од друга страна, единствениот пат што води до Мариово и по речиси два месеца откако се појави свлечиштето не е саниран и има постојан ризик, особено за возачите кои не го знаат теренот и оние кои патуваат ноќе.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG