Достапни линкови

logo-print

Меѓународните кредитори не се откажуваат од Грција


Лидерите на Германија, Франција и на меѓународните институции кои ја кредитираат Грција на неочекуваниот состанок во Берлин се согласија со „вистински интензитет“ да работат со цел да се најде решение во преговорите за грчкиот долг. Тоа би требало да спречи банкрот на Грција и нејзино излегување од еврозоната.

Германската канцеларка Ангела Меркел доцна во понеделникот им беше домаќин на францускиот претседател Франсоа Оланд и на шефовите на Европската комисија Жан Клод Јункер, на Европската централна банка Марио Драги и на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард. Главна тема нивните преговори со Грција.

„Тие се согласија дека мора да продолжат да работат со вистински интензитет“, соопшти портпаролот на германската влада, наведувајќи дека тоа особено ќе биде неопходно во текот на наредниве денови.

Неочекуваниот состанок на вака високо ниво во Берлин дојде откако грчкиот премиер Алексис Ципрас остро ги критикуваше меѓународните кредитори дека даваат апсурди предлози при што ја занемаруваат „грчката демократија“.

Еврозоната го одреди наредниот петок како краен рок за завршување на преговорите со цел да им се остави време на институциите и на министрите за да обезбедат парламентарна согласност на замрзнатата помош пред истекот на спасувачкиот пакет за Грција кон крајот на овој месец. Имено, до петок Атина треба да му врати 300 милиони евра на ММФ.

Неочекуваниот состанок на вака високо ниво во Берлин дојде откако грчкиот премиер Алексис Ципрас остро ги критикуваше меѓународните кредитори дека даваат апсурдни предлози при што ја занемаруваат „грчката демократија“.

Написот на Ципрас беше објавен во интернет изданието на „Ле Монд“ пред тој во неделата да одржи едночасовен телефонски разговор со Меркел и Оланд кој беше оценет како конструктивен.

Во текстот Ципрас, во врска со барањата на кредиторите за натамошни кратења на пензиите и за отфрлање на можноста за враќање на колективната плата, оцени дека тоа претставува „целосно укинување на демократијата во Европа што ќе создаде технократски монструм“.

Според некои европски дипломати, се уште постојат шанси да се постигне договор со Грција до крајот на неделава.

Шефот на Европската комисија Јункер се обидува да изгради мостови со Грција за клучните нерешени прашања како буџетскиот дефицит и реформите на пензискиот систем и на пазарот на трудот.

Како потенцијален знак на можен напредок, германскиот весник „Ди Велт“ посочи дека грчкиот премиер Ципрас бил подготвен да разговара за реформите во пензискиот систем.

Во меѓувреме, претставници на еврозоната изјавија дека е малку веројатно оти Атина ќе биде во можност да ја плати втората рата од 340 милиони евра на 12 јуни без нова инјекција на готови пари или без одложување. Освен тоа Грција на 16 јуни треба да исплати 556 милиони, а на 19 јуни уште 340 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG