Достапни линкови

Тешко до енергетски фасади во Куманово


На повеќето стари згради во Куманово им е потребно реновирање, но и покрај проектите кои им се нудат на станарите ретко кој е заинтересирана, а од заинтересираните ретко кој ги исполнува понудените услови за да добие енергетска ефикасност на зградите.

Од старите колективни станбени згради, особено во централното градско подрачје на Куманово, испаѓаат делови, со што ја нарушуваат безбедноста на граѓаните. Затоа е неопходно нивно обновување со енергетски ефикасни материјали, меѓутоа, како што вели, архитектот Горан Митевски заинтересираноста на куќните совети е минимална за спроведување на ваков проект на општината, УСАИД и ХАБИТАТ. Иако договорот помеѓу трите субјекти бил потпишан пред пет години, само на две-три згради е реализиран без оглед што кредитот е поволен.

За реализирање на ваков проект според Законот за домување, мора да бидат повеќе од 51 отсто од станарите, треба да бидат 75 отсто од становите со сменета столарија, затоа од сите заинтересирани пет –шест, реализирани се само два-три.

„При што би се дало со камата од еден отсто на десет години, за да станарите можат да ги вратат тие средства, а со заштеда на енергијата ќе можат да ја отплаќаат ратата за реализираниот проект“, вели архитектот Горан Митевски.

Општинскиот советник Александар Арсиќ смета дека не им е јасно на граѓаните што значи ова, меѓутоа тој забележува дека постапката за добивање ваков кредит е долготрајна.

„Граѓаните кои се кандидираат за енергетска ефикасност на колективно домување, ние ќе направиме едно јавно извлекување кои се тие згради, ќе чекаат на ред за да им ги доделиме, а потоа, повторно ќе ги разгледуваме барањата од станарите и на тој начин граѓаните на Куманово ќе имаат реклама од која ќе имаат сè, а нема да добијат ништо.“

Советникот Ашмет Османовски појаснува дека ХАБИТАТ им помага и на Ромите со кредити за легализирање на нивните нелегално изградени станбени објекти, за што Арсиќ, пак, смета дека недоволно се запознаени граѓаните за ваквиот начин на кредитирање.

Советникот Драги Караџински вели дека најзагрозени се зградите во централното градско подрачје, на што треба поголемо внимание да се обрне.

Според архитектот Митевски за овој проект биле известени претседателите на куќните Совети, меѓутоа да неговареализација треба да бидат исполнети и некои други услови.

„За реализирање на ваков проект според Законот за домување, мора да бидат повеќе од 51 отсто од станарите, треба да бидат 75 отсто од становите со сменета столарија, затоа од сите заинтересирани пет –шест, реализирани се само два-три.“

Градоначалникот Зоран Дамјановски го изразува своето незадоволство од ХАБИТАТ кои направиле два објекта и тоа нецелосно. Општината понудила други поволности за што треба советниците да одлучат.

Факт е дека има потреба од реконструирање на фасадите на старите станбени колективни објекти во Куманово, но неповолната финансиска состојба на граѓаните и на општината е најголемата причина за нивното пропаѓање.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG