Достапни линкови

logo-print

Савески - Авторитарен режим во Македонија


Здравко Савески, универзитетски професор.

Здравко Савески, универзитетски професор.

Ако некој носител на власта сака да воспостави контрола над сите институции, тогаш самата демократија се доведува до знак прашање, а тоа фактички се случува во Македонија, значи скоро и да нема во овој момент центар на моќ кој може да им се спротивстави на ставовите на извршната власт, а тоа е индикација за еден авторитарен режим во Македонија, вели професор Здравко Савески.

Господине Савески, дали авторитарните режими подразбираат неограничена моќ, односно оваа ситуација во која власта може да прави се што сака?

Секој авторитарен режим се труди да воспостави апсолутна контрола над сите центри на моќ, со цел да си ги оствари своите цели, целите на онаа врхушка на власт, а не целите на граѓаните. Притоа не е секој авторитарен режим исклучиво сврзан со употреба на насилство. Насилството секогаш за некој авторитарен режим е последната инстанца, обично авторитарниот режим се труди да се прикаже себе си дека работи во корист на граѓаните, но покажува тотална глувост во насока на неисполнување на тие цели за кои примерно кажува дека ги исполнува.

Има критики од опозицијата и од одредена експертска јавност дека и кај нас се применуваат одредени методи коишто се слични на авторитарните режими. Дали го делите истиот впечаток?

Да, дефинитивно. Принципите на либералната демократија предвидуваат различни центри на моќ кои имаат сериозни ограничувања меѓусебни и кои се контролираат меѓу себе. Ако некој носител на власта сака да воспостави контрола над сите институции, тогаш самата демократија се доведува до знак прашање, а тоа фактички се случува во Македонија, значи скоро и да нема во овој момент центар на моќ кој може да им се спротивстави на ставовите на извршната власт, а тоа е индикација за еден авторитарен режим во Македонија.

Дали овие режим под дефиниција раѓаат револт кај граѓаните и како тој револт најчесто се изразува?

Во прва фаза отпорот на спротивставувањето на недемократската власт е мирно од страна на граѓаните, бидејќи самите граѓани се немоќни во споредба со центарот на моќ кој ги има сите методи на физичка присила и второ бидејќи граѓаните се уште се немаат уверено дали има останато нешто демократско кај одредена власт. Ако тој најмал притисок од страна на граѓаните не успева да вродува со плод, тогаш следува фаза кадешто има резигнација и кадешто после таа резигнација е можно или да се воспостави отворена диктатура во одредена земја или граѓаните ќе преминат на други не толку мирни начини на отпор.

Дали превентивно, да речеме, пред да дојде до тоа, воопшто постојат механизми да се контролираат авторитарните режими?

Во една демократија начините на контрола на злоупотребата на власта се институционални и вонинституционални. Институционална контрола е кога друга власт контролира една власт, значи принцип на поделба на власта кога властите меѓусебно се контролираат за да спречат злоупотреба на власта. Вонинституционалниот метод е преку јавното мислење, кога ќе испадне дека одреден политичар има одреден скандал се крева јавното мислење, се формира одреден став против тој политичар и тојполитичар во една демократија си поднесува оставка. Во авторитарен режим овие институционални и вонинституционални контроли не постојат. Институционално сите центри на моќ се контролирани од главниот центар на моќ и вонинституционално, значи дури и ако граѓаните имаат дозвола од страна на власта, дозвола, а не право, да си го кажат своето мислење, тоа мислење едноставно нема да биде слушнато.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG